Dacia Spring Extreme 65 – посилен мотор и подобра опрема / ФОТО
На саемот за автомобили во Брисел, Dacia го претстави новиот модел Spring Extreme, со нов електромотор од 48 kW (ELECTRIC 65).
Dacia Spring Extreme ќе биде достапен со сосема нова Slate Blue боја и со низа ексклузивни дизајнерски елементи во бакарнокафена (Copper Brown) боја, како што се делови на кровните носачи, куќиштата на ретровизорите, главите на тркалата и логотипот на капакот на багажникот.
Тука се и новите „топографски“ украси видливи на праговите на вратите и гумените патосници, додека рабовите на вратите се бакарно-кафени, како и на отворите за воздух и околу централниот дисплеј.
Пакетот Extreme опрема всушност ќе го замени пакетот Expression, кој досега го избрале 8 од 10 приватни клиенти.
Заедно со новиот пакет опрема, Dacia има уште едно пријатно изненадување, претставувајќи го новиот електромотор ELECTRIC 65, со моќност од 48 kW (еднакво на 65 КС). Овој мотор, со моќност од 48 kW, нуди 125 Nm вртежен момент, а неговата сила се пренесува на тркалата преку нов уникатен (едностепен) менувач (редуктор), кој овозможува подобро забрзување и поголема моќ за рекуперација при сопирање/забавување.
Новиот мотор ќе биде достапен само на моделите со пакетот опрема Extreme, додека претходно познатиот мотор со моќност од 33 kW ќе остане достапен со пакетот опрема Essential.
Dacia Spring Extreme 65 од 0 до 100 km/h забрзува за 19 секунди и достигнува максимална брзина од 125 km/h. Електричниот мотор се напојува од Li-Ion батериски блок со капацитет од 27,4 kWh (26,8 kWh нето), напон 240 V со воздушно ладење.
Иако има релативно мал капацитет, батеријата овозможува автономија од 220 km (WLTP), додека при градско возење, како што наведуваат од Dacia, можно е да се помине до 305 km.
Според сопственото истражување на Dacia, досегашните купувачи на Spring најчесто ги користат своите автомобили за градско/приградско возење, просечното патување е долго 31 km, со просечна брзина од 26 km/h. Дури 75% од (приватните) сопственици на Dacia Spring, своите автомобили ги полнат дома со полнач од 6,6 kW, а времето на полнење е во просек 3,5 часа. Секако, батеријата може да се полни со максимална моќност од 30 kW, така што потребни се 56 минути за полнење до 80% капацитет.
Книгата за нарачки за Spring Extreme 65, Dacia во Франција ќе ја отвори на 17 јануари, со почетна цена од 22.000 евра, а испораките до првите клиенти се очекуваат на почетокот од летото.