Кризен план за недостиг на електрична енергија: Швајцарија планира да ги забрани електричните автомобили?!
Приватното користење на електрични автомобили би било дозволено само во апсолутна потреба, како на пример посета на лекар
Снабдувањето со енергија за зимата што претстои загрижува многу земји во Европа, a меѓу нив и Швајцарија, која веќе се подготвува за разни ограничувања – прекини на струја и намалување на греењето.
Меѓутоа, Швајцарија би можела да стане првата земја што ќе донесе забрана за возење електрични автомобили во кризни ситуации со цел да се обезбеди енергетска безбедност, со регулативата за ограничувања и забрани за користење на електрична енергија.
Во нацртот се вели: „Приватното користење на електрични автомобили е дозволено само за апсолутно неопходни патувања (на пр. професионална пракса, купување, посети на лекар, присуство на верски настани, присуство на судски рочишта). Планирано е и построго ограничување на брзината на автопатите, пишува Spiegel.
Најголем дел од електричната енергија во Швајцарија доаѓа од хидроенергијата. Но, земјата увезува струја и од Германија и Франција, а доколку таму има недостиг, и Швајцарците би можеле да се соочат со недостиг на струја.
Енергетската безбедност во Европа се смета за загрозена поради руската агресија врз Украина и сето она што тоа го предизвика во однос на европската енергија. Затоа, не е тајна дека многу земји се подготвуваат за вонредна состојба (затемнување, намалување на греењето итн.).
Споменатите ограничувања во е-мобилноста се планирани само за третото ниво на ескалација, според нацртот. Пред тоа би стапиле на сила мерките за штедење во приватните домаќинства. Машините за перење, на пример, тогаш треба да работат само на максимум 40 степени…
Сепак, тоа е сè уште само нацрт. Доколку навистина има недостиг од електрична енергија, мерките треба повторно да се прилагодат и регулативата дури тогаш ќе стапи на сила, пренесува информативниот сајт „т-online“.
Со оглед на кризата, од друга страна, Германија веќе има воспоставено план за заштеда на енергија за намалување на потрошувачката на електрична енергија во Германија. На пример, приватните базени може повеќе да не се загреваат на гас или струја. Дополнително, канцелариите може да се загреваат само до максимум 19 степени.