ЕК ќе предложи законодавна рамка која ќе им овозможи на земјите-членки да одобруваат продажба на до 1.500 возила по модел секоја година, со инсталирана напредна технологија за самоуправување.

Во Америка патниците веќе се возат во автономни такси возила во некои градови (со возачот како осигурувач), а се чини дека Европската унија нема намера да заостанува премногу. ЕУ планира да одобри продажба на автономни или самоуправувачки автомобили. До крајот на септември, Европската комисија ќе ја предложи првата законодавна рамка во светот која ќе им овозможи на земјите-членки да одобруваат регистрација и продажба на до 1.500 возила по модел секоја година со инсталирана напредна технологија за самоуправување, изјави претставник на ЕУ вклучен во изготвувањето на правилата.

Ваквите возила, во кои возачите повеќе не мора да го надгледуваат возењето, се уште се во фаза на развој, а целта е на европските производители да им се обезбеди технолошка предност пред другите.

Законот ќе вклучи 17 посебни технички правила кои ќе го променат начинот на кој земјите од ЕУ одобруваат возила за продажба.

Постојат шест нивоа на автономни автомобили (од 0 до 5). Ниво 5 е кога автомобилот е целосно автономен и воопшто не е потребно присуство на човек. ЕУ моментално работи на дозволување продажба на автомобили од трето ниво. После тоа, Комисијата сака ЕУ да биде првиот пазар во светот кој законски ќе дозволи продажба на автономни возила од ниво 4. Возилата со ниво 4  на автономија можат да работат и во самостоен режим. Сè додека не се развијат законодавството и инфраструктурата, тие можат да го сторат тоа само во ограничена област (обично урбана средина). Ова е познато како geofencing.

Инаку, Mercedes-Benz ја продава класата S со трето ниво на автономија. Возилата со ниво 3 можат сами да донесуваат одлуки, како што е претекнување возила кои бавно се движат, но сепак бараат надзор од човек возач кој во секое време може да интервенира ако за тоа има потреба односно да ја преземе контролата доколку системот не може да ја заврши задачата.