„Во автомобилот слушајте го Бетовен и ќе стигнете многу подалеку“

Дали некогаш сте забележале како музиката може да го промени вашето однесување при возење? Kia спровела истражување кое покажало дека мелодиите што избираме да ги слушаме во нашиот автомобил можат да имаат силен ефект врз реалниот свет. Поточно, „Деветтата симфонија“ на Бетовен се покажала корисна за ефикасно возење за разлика од „Blinding Lights“ на Weeknd.

За експериментот е користен Kia EV6 GT-Line S, опремен со звучен систем Meridian со 14 звучници. Бројни учесници без претходно искуство го возеле EV6 на патека долга 29 километри која комбинира градски патишта со метеж, станбени патишта и кривулести селски патишта. Сите слушале однапред одредена плејлиста на исто ниво на јачина, додека уредот Empatica E4 ги снимал нивните биометриски мерења.

Списокот ги вклучува следните песни по овој специфичен редослед: Tycho – Tycho – Awake, Adele – Hello, The Weeknd – Blinding Lights, Anna Meredith – Nautilus, Kanye West – Fade и Beethoven – Symphony No. 9 во д-мол. Студијата била надгледувана од д-р Данкан Вилијамс, предавач на Факултетот за наука, инженерство и животна средина на Универзитетот во Салфорд, а воедно и експерт за акустика, бучава, психоакустика и звучна наука.

Резултатите покажале дека учесниците возеле до четири пати поефикасно додека го слушале Бетовен во споредба со другите песни. „Blinding Lights“ на Weeknd, од друга страна, ги поттикнало возачите да возат речиси двојно понеефикасно.

„Она што го откривме од само два дена тестирање е дека музиката навистина може да има драматично влијание врз опсегот на возење на електричните возила во реалниот свет. Различни песни резултираа со различни електродермални активности и зголемување на волуменот на крвта за секој од учесниците. Ова влијаеше на стилот на возење и на крајот влијаеше на опсегот на возење на EV6 во реалниот свет“, вели д-р Данкан Вилијамс по анализата на податоците.