Денес Ferrari официјално го претстави својот нов болид за сезоната 2022 година наречен F1-75. Името F1-75 е во чест на 75-годишнината од првиот болид кој го носел името Ferrari. Болидот беше претставен во живо на официјалниот YouTube канал на Ferrari

На почетокот на презентацијата говор одржа тимскиот шеф Матија Биното, по што на бината му се придружија и возачите Карлос Саинц и Шарл Леклер. 

„Ова е важен ден за нас бидејќи го претставуваме новиот болид, Ferrari F1-75. Морам да признаам, лично, возбуден сум поради тоа. Овој болид е производ на трудот, посветеноста и страста на секој од нас. Ова се должи на работата на група луѓе кои вложија се во овој болид, работеа со храброст, креативност и тимски дух“.

„Имаме добар тим на луѓе овде, кои одеа од борба во борба и ги вложија сите свои вештини во овој проект и јас сум горд на нив. Ние се справивме со предизвиците на овој проект со иновативен пристап бидејќи, покрај барањата на сосема новите технички правила, веруваме дека оваа задача моравме да ја прифатиме со отворен ум“, рече Биното на презентацијата.

Новиот Ferrari F1-15 болид е со нешто потемна црвена боја со црни делови, но она што веднаш паѓа во очи е зашилениот нос на болидот како и дополнителните отвори од странинте, односно популарните жабри. И самиот Мати Биното изјави дека задниот дел е радикално редизајниран, додека страните на болидот се дополнително вдлабнати и заоблени. На промоцијата беа присутни и новите спонзори, како што е шпанската осигурителна компанија Santander. Претходно се шпекулираше, но сега веќе е јасно е дека болидот веќе нема место за Phillip Morris односно Mission Winnow.