Од Светската автомобилистичка федерација доаѓаат очекувани вести 

По контроверзната финална трка минатата сезона, Мајкл Маси повеќе нема да биде директор на трките во F1.

Светската автомобилистичка федерација ја заврши истрагата за минатогодишното Гран При на Абу Даби, последната трка од сезоната на Светскиот шампионат во Formula 1, во која во контроверзен стил беше решено прашањето за светскиот шампион помеѓу Макс Верстапен и Луис Хамилтон. Резултатите од истрагата беа претставени на F1 Комисијата, а за првите конкретни чекори не требаше долго да чекаме.

Очекувано, актуелниот директор на F1 трките, Мајкл Маси е разрешен и нема да ја извршува таа функција во новата сезона, која започнува следниот месец во Бахреин. Се чини дека FIA сепак не го остави на „цедило“, туку му е понудена друга функција.

Почнувајќи со претсезонските тестирања во Барселона (23-25 ​​февруари), FIA на местото директор на трки ќе менува две лица – Едуардо Фреитас, директор на трките на Светскиот шампионат за издржливост и Нилс Витич, поранешен директор на трките во DTM. Ќе им помага Херби Блаш како постојан советник.

Веста беше објавена на веб-страницата на Светската автомобилистичка федерација во форма на обраќање на новиот претседател на FIA, Мохамед Бен Сулејем:

Извлекувајќи заклучоци од деталната анализа на настаните во последната трка од сезоната 2021, Големата награда на Абу Даби, предложив темелна реформа на организацијата на судењето и дирекцијата на трките. Ова беше едногласно поддржано од извршниот директор на Formula 1 и тимските шефови. Ова е мојот план за структурни промени:

  • Прво, за да му помогнеме на директорот на трката во процесот на донесување одлуки, ќе создадеме виртуелна контролна соба за трката. Нешто како ВАР во фудбалот. Таа ќе биде позиционирана во една од канцелариите на FIA надвор од патеката. Со поврзување со директорот на трките во F1, ќе помогне во спроведувањето на правилата на спортот користејќи најсовремени технолошки алатки.
  • Второ, радио комуникацијата во живо за време на трката, која моментално се емитува во живо на ТВ каналите, ќе биде отстранета за да се заштити директорот на трката од каков било притисок и да му се овозможи да донесува одлуки во мир. Сè уште ќе може да се поставуваат прашања до директорот на трката, но во согласност со дефиниран и ненаметлив процес.
  • Трето, постапката за враќање на заостанатите возачи во истиот круг за време на периодот на безбедносното возило ќе биде преоценета од Спортскиот советодавен совет на F1 и ќе биде претставена на следниот состанок на F1 Комисијата пред почетокот на сезоната.
  • Конечно, сакам да ве информирам дека ќе биде формиран нов тим кој ќе ги води трките, почнувајќи со тестирање во Барселона. Нилс Витич и Едуардо Фреитас наизменично ќе бидат директори на трките, а ќе им помага Херби Блаш како постојан советник. Мајкл Маси, кој ја извршуваше оваа многу предизвикувачка работа во изминатите три години по Чарли Вајтинг, ќе му биде понудена нова позиција во FIA.

Сулејем, исто така, нагласува дека планот бил претставен пред членовите на Светскиот совет за моторспорт (WMSC) и Сенатот, кој ќе го поддржи. Тој смета дека овој план отвора еден нов пат на полето на судење на трките во Formula 1.