Formula 1: Верстапен на ГН на Русија ќе стартува од последното место
Веста, која беше некако очекувана, стана и официјална за време на вториот слободен тренинг за Големата награда на Русија
Red Bull потврди дека Макс Верстапен ќе добие нова погонска единица во својот болид, што автоматски значи старт од задниот дел на гридот.
Веќе некое време е познато дека Холанѓанецот на една од преостанатите трки оваа сезона ќе мора да ја прифати казната за старт од задниот дел на гридот поради инсталирање на нова погонска единица. Red Bull веќе ги „испука“ сите кредити за болидот на Макс Верстапен и секоја нова компонента влегува во категоријата дополнителни делови, за кои мора да се „платат“ пенали.
Трката во Сочи се сметаше за добра можност да се одработи оваа неопходност бидејќи тоа е патека на која доминира Mercedes од воведувањето во F1 календарот. Сепак Верстапен ќе треба да се пробие до пристојна позиција и поени за време на трката, а одлуката на тимот најверојатно ја олесни и казната која Холанѓанецот ја доби на трката во Монца, бидејќи предизвика судир со Луис Хамилтон.
Поради таа казна, Макс требаше да се врати три места на стартниот грид, во споредба со неговиот квалификациски резултат, но поради новиот мотор со внатрешно согорување, турбото, MGU-H, MGU-K, складирањето енергија и контролната електроника, тој ќе придружи на задниот дел од стартниот грид заедно со возачот на Ferrari, Шарл Леклер, кој исто така има нови компоненти на моторот, вклучувајќи и нова спецификација на хибридниот систем. Ако нема дополнителни промени, Ferrari ќе биде на 19-та, а Red Bull на 20-та позиција, бидејќи се зема предвид редоследот на добивање казни.
Mercedes на тој начин треба да има малку полесен пат до осмата последователна победа на ГН на Русија, но и до зголемување на водството во конструкторскиот пласман. Во моментов, разликата е 18 поени во корист на германскиот тим. На возачки план, на Хамилтон му се даваат добри шанси да се врати на лидерската позиција бидејќи неговото заостанување зад Верстапен е само пет бода.