Најголемата такси компанија во Лондон преминува на исклучиво електрични возила
Такси компанијата Addison Lee, која се смета за најголемa „ѕверка“ во таа гранка на Островот, објави дека до 2023 година, целосно ќе ги елиминира возилата со термички мотори од својата флота и ќе користи исклучиво електрични автомобили
Мора да се каже дека одлуката на раководството на оваа такси услуга е многу храбра и амбициозна. Тие имаат намера да потрошат дури 160 милиони фунти за набавка на доволен број електрични возила, а дополнително најавуваат стратешко партнерство со Volkswagen. Имајќи го тоа на ум, не е чудно што првиот EV кој ќе пристигне во нивната флота ќе биде токму германскиот теренец – ID.4.
Преминувањето на електрични автомобили ќе доведе до 20.000 возења дневно без никакви локални емисии. Извршниот директор на компанијата Addison Lee, Лиам Грифин, исто така, ги повика и ривалите да го направат истиот потег.
„Потребата такси индустријата да ја препознае својата одговорност кон животната средина во Лондон никогаш не била појасна“, вели Грифин.
Тој додава дека клучот е во брзата транзиција кон електрична мобилност.
„Бидејќи гордо му служиме на главниот град повеќе од 45 години, имаме посебна одговорност кон неговите жители и околината“, додава Лиам Грифин.
Компанијата Addison Lee најавува и создавање на специјален фонд чија цел ќе биде дополнително подобрување на инфраструктурата за полнење електрични автомобили. Фондот ќе содржи 3,5 милиони фунти.
Се чини дека ова ќе биде вистински тест за вистинската употребливост на електричните автомобили за поголем број километри на дневна основа, бидејќи такси возилата се уште минуваат сериозни километри речиси секој ден. Покрај опсегот, тоа ќе биде одличен тест и за издржливоста на батериите, односно зачувување на нивниот капацитет.