Во Дубаи за две години повеќе од половина од такси флотата треба да биде „зелена“
Властите во Дубаи сакаат 56% од такси возниот парк да биде од сегментот на еколошки возила, до 2023 година
Идејата е дека до истата година, 5% од таа флота ќе биде способна за автономно возење, пишува деловниот дневен весник Arabian Business
Изданието наведува и дека генералниот директор на Управата за патен транспорт (Road Transport Authority – RTA), Матар Мохамед Ал Тајер, вели дека организацијата е посветена на поширока имплементација на вештачка интелигенција во секторот за такси услуги во Дубаи.
Патем, потсетување дека токму ова тело од Дубаи, потпиша договор со американскиот General Motors на оваа тема уште во месец април. Според договорот, до 2030 година, во услугата ќе бидат вклучени до 4.000 самовозечки возила. Еколошките возила би се потпирале на склопови на батерии, што е посебна пикантност и многу индикативно, имајќи предвид дека станува збор за дел од светот познат по експлоатацијата на сурова нафта и екстремно ниските цени на нафтените производи.
Веќе извесно време, властите во Дубаи ја нагласуваат важноста од примена на концептот на одржлива мобилност. Затоа, најновата објава не е ништо повеќе од продолжување на претходно поставениот курс.
Ал Тајер вели дека градот Дубаи има намера да им понуди на патниците уникатно такси искуство.
„Имаме намера да понудиме разновидна услуга, односно можност за избор, и во смисла на удобност и грижа за нив во модерно разбирање на такси услугата. Понудата ќе вклучува големи лимузини, аеродромски такси, такси за дами и такси за семејства“, вели тој.
Човекот исто така нагласува дека е потребно драстично зголемување на возниот парк на овие возила, сето тоа условено од брзиот раст на населението од овој емират и желбата за подобрување на транспортната интеграција.
Патем, воведувањето на самовозечки такси расте во популарност низ целиот свет. Компаниите што развиваат технологија за автономно возење, како што се Cruise или Waymo, го предводат патот, иако има забележително зголемување на бројот на стартапи кои се занимаваат со оваа индустрија.