Директорот на Toyota предупреди на опасностите од автономните возила по инцидентот на Параолимписките игри
„Има притисок врз производителите на автомобили први да произведат автономни возила од Ниво 5, но јас реков дека не треба да се качуваме на тој воз“
Акио Тојода, претседател и извршен директор на Toyota, изрази загриженост за брзиот развој на системот за автономно возење, откако едно од возилата на компанијата е-Palette удри спортист за време на Параолимписките игри во 2020 година.
Во инцидентот, кој се случи на 26 август, автономно возило удри во пешак со оштетен вид. За среќа, автомобилот се движеше само до 2 km/h, така што спортистот не беше повреден. Тојода се извини по несреќата и изрази спротивно мислење за системите за автономно возење.
„Мислам дека се уште не е реално дека самоуправувачките автомобили можат нормално да патуваат по обични патишта“, вели тој. Исто така, Тојода ја доведува во прашање трката за производство на возила со целосно автономни системи за возење од Ниво 5.
„Има притисок врз производителите на автомобили прво да произведат автономни возила од Ниво 5, но јас реков дека не треба да се качуваме на тој воз“. Toyota брзо ја испита несреќата, по што направи голем број промени пред да продолжи да работи со е-Palette. На пример, секое возило без возач добило втор помошен возач, а Олимписките и Параолимписките комитети го зголемија бројот на водичи на раскрсниците низ Олимпиското село.
Auto News наведува дека ова не е првпат Акио Тојода критички да разгледа еден од најважните настани во автомобилската индустрија. Претходно оваа година, тој се пожали на зголемениот број електрични возила, тврдејќи дека Јапонија ќе остане без електрична енергија во текот на летото, ако сите возила во земјата бидат електрични.