Крај на една величенствена кариера! Валентино Роси објави повлекување! / ВИДЕО
Деветкратниот светски шампион Валентино Роси на специјална прес-конференција официјално потврди дека тековната е негова последна сезона во мотоциклизмот.
„Ова е многу тежок момент за мене, тешко е да се знае дека нема да се тркам следната година, но беше одлично. Ова беше долго, забавно патување, да се биде 25-26 години во Светскиот шампионат е неверојатно. Имаше многу незаборавни моменти што ги доживеав и веќе немам уште нешто многу да кажам“, изјави Роси.
„Докторот“ претходно објави дека ќе донесе одлука за својата иднина за време на летната пауза, а неговите опции беа да се повлече или да ја продолжи кариерата во неговиот тим, кој од следната година ќе има две места во шампионатот, но со Ducati.
„Имав долга кариера и за среќа многу трки, имав некои победи кои се повеќе или помалку незаборавни и претставуваат чиста среќа. Тоа е нешто поради што се се смеев една недела, десет дена. Одлуката беше тешка, но треба да разберете дека во сите спортови резултатите прават разлика. Мислам дека ова е вистинска одлука. Имав шанса да возам за мојот тим заедно со брат ми, тоа е нешто што би сакал, но мислам дека е во ред вака. Имаме уште половина сезона, ќе биде тешко кога ќе стигнеме до последната трка, а сега е само време да ја објавиме одлуката. „Не можам да се жалам“, истакна Роси.
За време на трофејната кариера, Роси освои седум титули во најсилната категорија, МotoGP – три со Honda и четири со Yamaha – последната во 2009 година. Роси беше шампион и во класата од 125 и 250 кубика. Досега има постигнато 115 победи, а од таа бројка се нема поместени од ГН на Холандија во 2017 година. На подиумот се има искачено вкупно 235 пати. На „Докторот“, исто така, мора да му се признае дека мотоциклизмот го подигна на ново ниво и дека, благодарение на него, популарноста на тој спорт достигна невидена височина.
Кариерата на „Докторот“ е во голем пад веќе некое време, за што е потврда фактот дека неговата најдобра сезона во последните 10 години беше 2015 година, кога неговиот тимски колега Хорхе Лоренцо успеа да го победи во борбата за титулата. Тоа е сезоната што се памети и по неговата таканаречената војна со Марк Маркез, која кулминираше со инцидентот во Сепанг кога Роси го исфрли шпанскиот мотоциклист од патеката. Но, и покрај фактот дека тој е во петтата деценија од својот живот, „Докторот“ успеа да се натпреварува со возачи многу помлади од него, но и со подобра физичка форма, во одредени моменти во последните години.
„Минатата и предминатата година не бев подготвен за крај, морав да го сватам тоа, но сега веќе немам проблем со тоа. Не сум среќен, но ако возам следната година, нема да бидам задоволен бидејќи би сакал да го правам тоа уште 20 години. Се надевам до крајот ќе бидам подобар отколку во првиот дел од шампионатот, тоа е целта“, изјави Роси.
По завршувањето на MotoGP сезоната, а со тоа и на неговата мотоциклистичка кариера, Роси ќе се префрли на четири тркала, бидејќи го чека предизвик во Светското првенство за издржливост зад воланот на Ferrari. Сигурно повремено ќе се најде и на мото патеките со оглед дека е сопственик на тимот Aramko VR46 кој ќе биде дел и од кралската класа и од Моto2 шампионатот, но и ментор на возачите кои потекнуваат од неговата Академија. Меѓу нив се, меѓу другите, Франко Морбидели, Франческо Бањаја, Лука Марини и Марко Бецеки, а последните двајца се очекува да го формираат двоецот за следниот шампионат.
https://youtu.be/BzOChLhcwIo