McLaren е првиот F1 тим кој се согласи на таканаречениот „Concord“ договор со Formula 1

Суштината на договорот се услови кои се договорени со лидерите на овој спорт за одреден временски период.

Британскиот тим со цело срце ја поддржува Formula 1 во нивните напори за промени во натпреварувањето, а од тимот се особено задоволни со буџетските ограничувања, што во голема мерка треба да ја изедначи конкуренцијата во „најбрзиот циркус“.

„Formula 1 со новиот договор постигна нов важен чекор на патот кон одржлива и силна иднина на овој спорт. Ова е вистинска работа во вистинско време за спортот, неговите сопственици, тимовите и, пред се фановите. Новиот договор се надополнува и се заснова на обемната работа на F1, FIA и сите тимови во текот на изминатите неколку месеци за идните финансиски, технички и спортски регулативи. Секој мораше да се потруди за што подобар исход, а тоа треба да доведе до поконкурентна, повозбудлива и понапредна Formula 1 за идните генерации, што пак ќе обезбеди здрав спорт како за учесниците така и за фановите“, вели Зак Браун, првиот човек на McLaren.

Крајниот рок за пријавување е до крајот на месецот.

Овој договор ќе стапи во сила од 2021 до 2025 година, а следни тимови кои се очекува да го потврдат се Ferrari, Williams и Mercedes. Formula 1 досега имала седум вакви договори, првиот во 1981 година, а последниот во 2013 година.