Големата награда на Холандија, која по долго одсуство требаше да се врати во календарот на Formula 1 оваа сезона, и официјално е одложена, па така трката на патеката во Зандворт својата нова премиера ќе ја има следната сезона, во 2021 година

Ова е вест која не беше дочекана со премногу изненадување затоа што беше сосема извесно дека трката во Холандија тешко може да се вклопи во која било верзија на новиот календар за сезоната 2020 на кој се работи во моментов.

Имено, една од главните причини поради која и официјално е донесена таква одлука е што во Холандија сè уште има доста строги ограничувања кога станува збор за одржување на какви било настани. Со оглед на претходно познатиот став на организаторот на трката дека трката која беше распродадена неколку месеци однапред тие немаат намера да ја одржат зад затворени врати, оваа одлука всушност беше единственото логично и очекувано решение.

Јан Ламерс, еден од водечките луѓе во организацијата на трката во интервју за медиумите, вели:

„Нашата трка е откажана и ќе се одржи во 2021 година, кога се надеваме дека ќе имаме вакцини и „нова нормална“ состојба“.

Во официјалната изјава на организаторот на трката се вели:

„Поради сегашната состојба предизвикана од пандемијата на вирусот COVID-19 и во договор со челниците на Formula 1, донесена е одлука трката за Големата награда на Холандија во тековната сезона да не се одржи. Според тоа, решено е дека трката ќе се одржи во 2021 година. Заедно со челниците на FIA и Formula 1, нов датум за трката ќе биде објавен до крајот на 2020 година. Сите билети купени за овогодинешната трка ќе важат за трката во 2021 година“, се вели во соопштението на организаторот.

Споменатиот Јан Ламерс зборува и за целата ситуација, изјавувајќи дека ова, иако е тешко, се чини дека била единствената логична и вистинска одлука.

„Што се однесува до организацискиот дел, ние сме целосно подготвени да ја одржиме трката, за која сме благодарни на многуте гледачи, компании, спонзори и Владата. Заедно со луѓето од Formula 1, ја разгледавме можноста за нов датум за трката оваа сезона, но бидејќи таква опција би значело одржување на трката без гледачи, решивме дека моментот на прослава за враќањето на Зандворт во календарот во Formula 1 не е соодветен. Затоа ги молев сите фанови на трпеливост затоа што ако чекавме 35 долги години, можеме уште една“, заклучува Ламерс.