Скапоценото Ferrari непрепознатливо по судир со еден од најпознатите симболи на Лондон

Лондон како центар на моќ и богатство ја носи титулата метропола со најегзотична флота на возила. За време на карантинот, улиците беа пусти, како и во многу други светски метрополи, а некои луѓе ја искористија ситуацијата за претворање на Лондон во полигон за соборување на брзински рекорди.

Меѓу овие спаѓа и британскиот рапер Свормз (Swarmz), кој не можел да одолее а да не се провози во неговото Ferrari. Сепак, наместо да оди на патека каде може да „нагази“ колку сака, тој решил да се „докажува“ на лондонскиот асфалт. И како што неретко се случува кога со ваков „ѕвер“ ќе се тргне во „фраерисување“ во градски услови, тој ја загубил контролата во Вестминстер и се забил во црвен Double Decker aвтобус. Предниот крај е и те како искршен, а се вклучиле и воздушните перничиња. Сè на сè, иако моторот останал недопрен, реално е да се очекува дека ќе биде прогласена „тоталка“. Оштетен е и автобусот, а според полицијата, никој од патниците не е повреден.

За оние кои можеби не знаат, Ferrari 488 GTB како погон користи 3.9-литарски V8 мотор со два турбополначи. Максималната моќ е 670 КС со 761 Nm, максималната брзина е 330 km/h, додека до стотка стигнува за 3 секунди.