3 причини зошто да се следи Formula 1 овој викенд
По лудиот спортски викенд во Англија со финалето на тенискиот турнир во Вимблдон и финалето на Европското првенство во фудбал, следи уште еден – Големата награда на Велика Британија односно десеттата трка од сезоната (16-18 јули)
Можеби некои од Вас ќе речат трка како и секоја останата, но сепак има причини зошто можеби и не е така. Кои се тогаш причините овој викенд каде и да сте да најдете начин и време за следење на тркачкиот викенд на легендарниот Силверстон?
Дали Хамилтон, носен од домашната публика, може да се врати во трката за титулата?
По трката за ГН на Австрија, и оваа трка ќе се одржи и пред публика. Имено, Големата награда на Велика Британија е избрана да биде дел од истражувањето на владата за одржување масовни собири, па следствено е одлучено да се одржи пред полни трибини, секако со строги мерки. Ова веројатно ќе им значи најмногу на домашните возачи, пред се на Хамилтон кој традиционално е победник на трката за Големата награда на Велика Британија од 2014 година (со исклучок на 2018 година кога славеше Фетел).
Но, ситуацијата е значително поинаква оваа сезона. Red Bull е победник на последните 5 трки од сезоната, а Верстапен се чини дека е недопирлив на лидерската позиција во генералниот пласман. Од сезона која на почетокот се чинеше дека ќе биде рутинска за нова титула за Луис Хамилтон, сега ситуацијата е сосема неизвесна. Ова е поткрепено со фактот дека Хамилтон веќе потпиша договор со Mercedes за следните две сезони, иако минатата година се теоретизираше дека тој ќе вози само уште оваа и дека ќе се повлече откако ќе го сруши рекордот на Шумахер по бројот на освоени титули. Се поизвесно е дека ова нема да биде можно оваа година, или барем дека нема да биде толку едноставно како што се надеваa во Mercedes.
Во овој момент, тешко е да се процени дали ова е само една исклучителна сезона по која Хамилтон и Mercedes ќе се вратат на лидерската позиција или сме сведоци на почетокот на ново владеење на Red Bull предводен овој пат од Макс Верстапен.
Можни трансфери и приказни зад сцената
И додека местото на Хамилтон во Mercedes е сигурно до 2023 година, најмногу се шпекулира за неговиот тимски колега. Медиумите со месеци шпекулираат дека Расел би можел да потпише за Mercedes за следната сезона и со тоа да го замени Ботас, за сега да се појават информации дека ова ќе биде објавено непосредно пред трката во Силверстоун. Самиот Расел неодамна објави фотографија на која пере автомобил (секако Mercedes) со коментар „Грижи се за работите што ги сакаш“, што додаде масло на огнот на гласините за напуштање на Williams.
Додека Расел се бори за своите први бодови за Williams, Ботас доби ретка можност слободно да се трка со Хамилтон на Red Bull Ring, да го престигне и да го освои второто место. Не е тајна дека Ботас не е задоволен од третманот во Mercedes исто како што не е тајна дека Расел ја чека својата шанса конечно да седне во конкурентен болид и да покаже што знае и може. Својата голема шанса ја доби на ГН на Сакир минатата година кога го замени „ковидосаниот“ Хамилтон и водеше поголем дел од трката, алудирајќи на тој начин дека со вистински тим ќе биде сериозен кандидат за врвот на поредокот.
Во време кога Red Bull, заедно со Верстапен, го има и одличниот Серхио Перез, кој редовно завршува трки на подиумот, изборот на втор возач за Mercedes може да биде клучен во конкуренцијата за освојување на титулата на конструкторите во следните сезони.
Нов систем на квалификации со спринт трка во сабота
Трката за ГН на Велика Британија носи и новина во однос на тоа како се одржуваат квалификациите. Новиот систем на квалификации оваа сезона ќе се тестира на три трки, а првата е во Силверстоун каде ќе имаме директна можност да видиме како сето тоа изгледа.
Наместо втор слободен тренинг во петок, ќе се одржат квалификации во вообичаен формат кои ќе го одредат стартниот поредок за спринт трката во сабота која ќе го даде стартниот поредок за неделната трка. Спринт трката трае една третина од вообичаената трка и нејзиниот победник освојува пол позиција и три бода, вицешампионот два бода, а третопласираниот еден бод.
Основната идеја на новиот формат е да им овозможи на навивачите уште повозбудливо искуство и да обезбеди дополнителен адреналин затоа што саботната квалификациска спринт трка трае само половина час, чисто тркање без потреба од пит-стоп.
Се надеваме дека сето ова е доволна причина за следење на се што се случува во Силверстон овој викенд.