2020 Land Rover Defender Prototype ќе помага во заштита на афричкиот дивеч во Кенија
Целосно новиот Defender својата премиера ќе ја има оваа есен, а производството за глобалниот пазар ќе се одвива во Словачка
30 април е голем ден во светот на теренските возила, но исто така и за целата автомобилска индустрија. На тој ден пред 71 година, Land Rover на авто салонот во Амстердам го претстави Defender. Се останато е историја, од фактот дека станува збор за еден од најдолговечните модели на пазарот, па се до фактот дека неговите способности обезбедија живот и пенетрација на цивилизацијата во најоддалечените делови на нашата планета.
На почетокот од 2016 година следеше шок. Производството по безброј финални верзии беше згаснато. Сепак набрзо следи утеха бидејќи Land Rover одлучи да понуди наследник. Сега, откако флотата од прототипови има поминато над 1,2 милиони километри тестови во различни можни услови, Defender ослободен од класична камуфлажа и покриен само со фолии е во Кенија. А таму, во рамките на непрофитната организација Tusk Trust ќе учествува во заштитата на животинскиот свет.
„Покрај екстензивните симулации и испитувања на моделот, со новиот Defender поминавме над 1,2 милиони километри по сите терени и екстремни климатски услови за да се осигураме дека новата генерација ќе биде најспособниот и најотпорен Land Rover досега произведен“, ќе рече шефот на развој во Land Rover.
Целосно новиот Defender својата премиера ќе ја има оваа есен, најверојатно на специјално оранизиран настан надвор од авто салоните, а производството за глобалниот пазар ќе се одвива во Словачка.