Зависноста од навигацијата го зголемува ризикот од Алцхајмерова болест
Хипокампусот има потреба од тренинг, инаку почнува да се намалува, велат експертите
Наназад илјадници години, луѓето развиле многу прецизно чувство за околината, кое постепено се намалува со доаѓањето на сателитската навигација. На ова предупредува експертот за навигација, Дејвид Бери, цитиран од британски медиуми.
Според него, со користење на Google Maps или друга навигација, различни гаџети и мобилни апликации, особено од страна на возачите, луѓето се одалечуваат од светот и може да предизвикаат попречувања во мозокот, особено на хипокампусот, кој е одговорен за долгорочната меморија и просторната ориентација.
„Бидејќи стануваме се повеќе зависни од овие електронски гаџети, за да се ориентираме, се повеќе се оддалечуваме од природниот свет“, вели Бери, кој исто така е поранешен британски дипломат. „Луѓето почнуваат да го губат чувството за снаоѓање во природата, интегритетот и неверојатните работи што ги добиваат од него“, додава тој. Проблемите, сепак, се подлабоки, бидејќи делови од мозокот кои се одговорни за способноста на лицето да се движи, да се ориентира, ако не се тренираат, тие буквално се намалуваат.
“Сосема е возможно кај луѓето кои се жртви на Алцхајмеровата болест, која обично се манифестира прво како дезориентација, хипокампусот да им е веќе намален поради недостаток на употреба или има значително помала отпорност на нападите на болеста. Значи ова е добра причина да сакате да ги задржите овие делови од мозокот во добра форма“, вели британскиот експерт.
Бери, кој меѓу другото има напишано книга за навигација кај животните, додава дека покрај менталните проблеми зад кои може да се кријат уредите за навигација, постојат и практични недостатоци во нивната употреба. „Тие не секогаш работат коректно, особено во градовите, поради рефлексиите на зградите“, додава тој.