За Renault санкциите не важат! По кратка суспензија, Renault продолжи со производство во руските фабрики
Renault контролира околу 30 отсто од рускиот пазар на автомобили, вработува околу 40.000 луѓе и остварува 8 отсто од вкупната заработка на глобално ниво
Портпаролот на Renault за Reuters вели дека компанијата продолжува да работи во својата руска фабрика во Москва.
Францускиот производител на автомобили беше еден од многуте што го прекина производството по руската инвазија на Украина. Додека многу други се повлекоа од пазарот како одговор на економските санкции, Renault кон крајот на февруари соопшти дека го прекинува производството поради „присилните промени на постоечките логистички рути“.
Renault е најголемиот странски производител на автомобили во Русија, а претходно овој месец компанијата соопшти дека не сака да го напушти пазарот поради страв од губење на производствените капацитети.
Така, производителот на автомобили одговори на заканите од руската влада со тоа што сугерираше дека ќе ги национализира производствените капацитети на странските компании кои се повлекоа од пазарот за време на нејзината инвазија на Украина.
Францускиот производител на автомобили поседува и 67,61 отсто од акциите во Lada, која пак е во сопствеништво на AvtoVAZ. Севкупно, според Citibank, Renault контролира околу 30 отсто од рускиот пазар на автомобили, вработува околу 40.000 луѓе и таму заработува 8 отсто од вкупната заработка на глобално ниво.
AvtoVAZ во понеделникот соопшти дека делумно го запира производство во своите фабрики во Тољати и Ижевск меѓу 21-ви и 25-ти март поради недостиг на електронски делови.
Покрај моделите на Lada, во фабриката во Ижевск се произведуваат и Dacia Logan и Sandero (во Русија со значка на Renault). Извештаите сугерираат дека економските санкции наметнати против Русија би можеле да предизвикаат нејзиниот пазар на автомобили да се намали за 50 отсто оваа година.