Илон Маск повторно се огласи на Twitter, а овојпат темата беа автономните или самовозечки возила

Се очекуваше дека по несреќата за која наводно е одговорен авто пилотот во моделот на Tesla, Маск ќе се позанимава со можните пропусти во работата на технологијата, но фокусот сепак беше на човечка грешка.

Маск истакнува дека однесувањето на автономните возила е непредвидливо од една причина – затоа што тие ги делат патиштата со возачи-луѓе. Проблемот, тврди тој, е во недостатоците што ги има човечкиот мозок и во несовршеното чувство на вид на кое се потпираат обичните возачи. Експертите истакнуваат дека е точно дека авто-пилотите подобро ќе се согласуваат едни со други отколку што е тоа случај со возачите луѓе, но дека обичните возачи не можат да служат како изговор, бидејќи тие и понатаму ќе бидат присутни на патиштата.

Извештаите за сообраќајната несреќа во која учествувал и Tesla Model S од 2019 година, укажуваат дека никој од патниците не седел на местото предвидено за оној што го контролира возењето. Од Tesla пак тврдат дека некој сепак бил зад воланот, па затоа е скоро невозможно да се утврди што точно се случило. Едно е сигурно: опцијата Full Self-Driving, која може да се додаде на возилата на Tesla за 10 илјади долари, не значи дека возилата можат да се движат самостојно и на возачите им дава само лажно чувство на сигурност.

Човечката грешка во наведениот случај е очигледна, а многумина сметаат дека одговорноста е на компанијата, која треба да издаде посериозни предупредувања дека возилата на Tesla сè уште не можат да возат самостојно.