What Car? тестирал 10 електрични модели со цел да открие колку нивниот опсег на возење во реални услови се разликува од фабричките податоци

Веќе е познато дека електричните автомобили „не се во љубов“ со студеното време. Оптималната работна температура за електричните автомобили е околу 21,5 степени целзиусови, а познато е дека со едно полнење на батеријата повеќе се минува во лето отколку во зима. Колку е разликата? Многу потенцијални купувачи на електрични возила веројатно би биле шокирани кога ќе дознаат дека досегот може да се намали за речиси 100 километри кога ќе се променат годишните времиња.

What Car? уште минатото лето тестирал 10 нови и популарни EV модели за да открие колку нивниот опсег на возење се разликува од официјалните WLTP податоци во реални услови. Почнувајќи со полна батерија, секое електрично возило е возено повеќе пати околу 25 километри на поранешната локација за тестирање на GM во Бедфордшир. Тестот вклучувал 4 километри возење по принципот тргни-застани, 6,5 километри со 80 km/h и 12 километри со 112 km/h.

Во таа прилика, значи летни услови, Fiat 500e најмногу потфрлил со поминати само 225 километри во споредба со WLTP бројката од 318 километри. Taycan 4S на Porsche успеал да помине импресивни 452 километри, приближувајќи се на официјалната бројка од 466 километри.

Во зимскиот период зад нас е направен нов тест, а моделите 500e, Taycan, Mustang Mach-E и Škoda Enyaq заедно со шест нови автомобили, вклучувајќи ги Tesla Model Y, Model 3 и BMW iX3 поминале низ истата процедура само во услови на надворешна температура од 3-7 степени целзиусови.

Падот на температурата го намали опсегот на четирите возила и до 29 проценти, споредено со официјалните WLTP бројки. Ford на пример тврди дека Mustang Mach-E со едно полнење може да мине 610 километри, но според тестот на What Car? овие бројки се далеку од реалните – на летниот тест моделот успеал да помине само 486 километри, а во зима таа бројка паднала на 398 километри. 

Дометот на Porsche Taycan (WLTP 462 km) од 452 km во летни услови паднал на 360 km во зимски, а кај Škoda Enyaq iV (WLTP 400 km) од 333 km на 280 km. Сепак, најголем губитник е Fiat 500e, кој не можел да помине 190 km, наспроти 225 km што ги постигнал на летниот тест (WLTP 319 km). 

Вреди да се напомене дека и покрај репутацијата на Велика Британија за лоши временски услови, ретко е навистина студено. Ова значи дека ако живеете во некои други постудени делови, може да очекувате уште поголем пад на досегот со едно полнење на батеријата.