Следната недела, на овогодинешното издание на Салонот за автомобили во Франкфурт, Volkswagen ќе ја претстави производната верзија на својот компактен електричен автомобил.

Станува збор за моделот ID.3, а Германците го најавуваат како возило кое на клиентите ќе им понуди „супериорен дизајн, импресивни возни карактеристики, голема автономија и пространа внатрешност“.

Со оглед на тоа дека во VW важноста на овој автомобил ја изедначуваат со легендарната Буба и бестелерот Golf, јасно е што очекуваат од него и што треба да претставува ова возило за иднината на германскиот автомобилски гигант.

Моделот ID.3 треба да им биде достапен на купувачите по релативно прифатлива цена ако ги споредуваме само електричните автомобили. Во Германија, за основниот модел ќе бидат потребни помалку од 30.000 евра.

Како потсетување, ID.3 се базира на модуларната MEB механичка платформа дизајнирана специјално за модели на струја на VW. На купувачите ќе им бидат достапни неколку верзии, а производителот гарантира многу внатрешен простор, со оглед на компактните димензии на надворешноста.

Поважни од тоа се техничките спецификации. VW ID.3 ќе биде достапен со три батерии со различен капацитет. Основната варијанта ќе биде опремена со батерија од 45 kWh и таа треба да биде доволна за автономија од околу 330 километри (WLTP). Верзијата со среден опсег ќе вклучува батерија од 58 kWh за автономија од околу 420 километри, а топ варијантата ќе доаѓа со батерија од 77 kWh, што треба да биде доволно за автономија од 550 километри.

Сите верзии ќе поддржуваат полнач со моќност до 100 kW. Со негово користење, основниот модел за околу половина час ќе дополни доволно за да може да помине 290 километри.

Производителот гарантира дека батериите ќе го задржат својот капацитет 8 години, или околу 160.000 км.

Од она што за сега се знае е дека ID.3 ќе има мотор со моќност од 150 kW или 204 КС. Се верува дека ова е податок за врвната варијанта. Како и да е, со погон на задните тркала, ID.3 дефинитивно ќе биде забавен за возење.

Производството на овој автомобил ќе започне кон крајот на 2019 година, а првите испораки до клиентите се планирани за средината на следната година. Од VW велат дека досега примиле десетици илјади нарачки за ID.3. По овој модел ќе следат и електричен кросовер ID Crozz како и други ID модели.

https://youtu.be/4TNqc2T5N88