Mercedes беше деветтиот тим кој го претстави болидот за претстојната сезона. Го носи името W14, а најголемата вест е враќањето на црната боја која британско-германскиот конструктор ја користеше во 2020 и 2021 година!

Mercedes-AMG F1 W14 E Performance

Mercedes презентацијата ја одржа без публика, за разлика од Ferrari, а на настанот присуствуваа и возачите Луис Хамилтон и Џорџ Расел, шефот Тото Волф како и новиот резервен возач Мик Шумахер.

Тимот од Бракли го задржал минатогодишниот радикален дизајн на тенкиот страничен носач, но направил и забележителни прилагодувања на дизајнот. На пример, каросеријата кај капакот на моторот е поинаква во однос на лани, а тие посочуваат дека една од причините за враќањето на црната ливреја е да се направи болидот полесен!

Во потрагата за секоја милискунда перформансите се потребни на секој дел од болидот, а бојата не е исклучок. Повеќето делови од W14 воопшто не се бојадисани, туку се сурови јаглеродни влакна.

Горниот дел од предниот нос и капакот на моторот се обоени во мат црна боја, но крилата и долните елементи на автомобилот не се обоени. За потсетување, задолжителната минимална тежина на F1 болид е 798 килограми, а повеќето конструктори не успеаја да се приближат до таа бројка минатата година.

„Секогаш се надеваме и очекуваме дека ќе бидеме способни да се бориме за титулата светски шампион. Сепак, нашите конкуренти мината година беа многу силни, а ние ги ловиме. Тркањето на врвот бара отпорност, заедничка работа и посветеност“.

„Ние одговараме на секој предизвик, а тимот секогаш е на прво место. Ние нема да оставиме непревртен камен во потрагата за секоја милискунда. Оваа година вложуваме многу напор за да се вратиме на врвот.“

Тото Волф