Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, денеска го потпиша договорот со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за заем во вредност од 10 милиони евра за набавка на нови екоавтобуси на гас во Скопје

За оваа цел ќе бидат обезбедени и дополнителни 1,8 милион евра од ЈСП и грант од 1,1 милион евра за техничка соработка при подготовката на проектот. Со потпишувањето на овој договор и официјално почнува постапката за набавка на 35 екоавтобуси, кои ќе бидат вклучени во јавниот превоз најдоцна до почетокот на идната година.

„Ова е прва набавка на автобуси за ЈСП Скопје по 7 години, што претставува релативно долг временски период кога е во прашање обновата на возниот парк на ЈСП. Очекувам дека од крајот на оваа, најдоцна на почетокот на идната година, на скопските улици ќе се возат нови екоавтобуси на еколошко гориво, со ЦНГ-технологија на компримиран гас со Евро-6 стандард на загадување. Овие автобуси ќе ги исфрлат од употреба старите дотраени дизел-автобуси на ЈСП со Евро-2 стандард, без клима и дополнителна опрема“, рече Шилегов.

Тој појасни дека голем дел од автобусите ќе бидат нископодни зглобни – дводелни, а преостанатите ќе бидат нископодни единечни. Зглобните автобуси ја имаат таа предност што имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните и многу побргу патниците да влегуваат и излегуваат од автобусите, со што ќе се намали времето потребно да се стигне до конкретна дестинација во градот.

Шилегов рече дека одлуката за набавка на ваков тип автобуси ја донеле по спроведените тест-возења на 3 модели на автобуси на гас и еден електричен автобус во текот на минатата година. Како што посочи, резултатите од овие тест-возења покажале дека ваквиот тип автобуси се еколошки, енергетски ефикасни и економски исплатливи.

Извор: МАКФАКС