Првиот модел на Opel Corsa на пазарот се појавува во 1982 година. Во тоа време, убавиот, градски автомобил на клиентите им нуди некои придобивки кои, пред тоа, можеле да се очекуваат од барем „за еден број“ поголемите возила. Тој рецепт е сочуван 37 години, а потврда за квалитетот и вредноста е фактот дека првите пет генерации на Opel Corsa сe продадeни во 13,7 милиони примероци!

Новата, шеста генерација на Corsa носи нов дизајн и нема скоро ништо заедничко со претходната генерација, па дури и со Astra, но затоа има симпатичен изглед кој го следи сегашниот дизајнерски јазик на Opel. Сите линии хармонично течат по должина на страниците на возилото, каде се забележливи и одредени елементи преземени од дизајнот на Insignia, за да завршат на задниот крај до Opel-овиот знак. Добриот визуелен впечаток за возилото го создава и спортскиот изглед со опаѓачка линија на покривот, кој привлекува многу погледи, особено во двобоен дизајн на каросеријата и покривот.

Новата Opel Corsa остава сосема поинакво искуство во возењето и перформансите од Peugeot 208 со кое ја дели CMP платформата на групацијата PSA, a најимпресивнa e кога станува збор за острината на управувачот, солидната опрема и дизајнот.

Под лимот на новата Opel Corsa има многу стратегија, размислување и заклучоци, особено затоа што станува збор за модел кој е роден во време на голема транзиција од класични бензин-дизел погони на електрични возила и возила со батерии. Токму затоа новата Corsa создадена на истата CMP платформа како и Peugeot 208 во старт е подготвена за бензин / дизел како и целосно електричен погон. Впрочем, намерата на Opel e целосна елктрификација на гамата на модели.

Веќе на прв поглед е јасно е дека новата шеста генерација на Corsa силно ги следи трендовите. Можност за каросерија во две бои, фенси фелни, LED оптика… и многу важно – француски гени спарени со германски перформанси. А тоа добро се чувствува кога ќе седнете зад воланот на новата Corsa.

Максимално модерен салон и нови технологии

Внатрешноста на Corsa изгледа модерно, атрактивно обликувана и допадлива. Централната конзола е благо накосена кон возачот, а на неа главната улога ја игра 7 инчниот екран чувствителен на допир преку кој се командува со повеќето секундарни функции.  Декоративните елементи и атрактивните шавови како и спојот на останатите детали го прават салонот особено атрактивен.

Салонот е доволно простран, што е поправено веќе со претходната генерација, а зголемениот багажен простор е само заокружување на практичноста на моделот. Од 285 до 309 литри. Најдобрите во класата нудат 320 литри. Со преклопување на задните седишта, багажниот простор расте до 1.081 литри Интересно е тоа што каросеријата е пониска за дури 48 mm, но во новиот модел има уште повеќе простор (+3 mm) за главата.

Генерално, Opel со новата Corsa цели и на клиентите кои бараат нешто повеќе, па на списокот со опции додадено е сè што можете да замислите. Тука се и напредните LED светла IntelliLux Matrix со осум сегменти, кои досега беа недостапни во оваа класа, потоа и дигитални 7-инчни инструменти, 10-инчен екран за мултимедијалниот систем, радарски паметен темпомат, лумбална масажа…

Нашето возило беше со Elegance пакет на опрема, а тоа значи и ABS систем за кочење, ESP електронски систем за стабилизација на возило, систем за помош при тргнување на угорница, систем за детекција на издишана гума, NCAP пакет (сензор за препознавање на знаци, сензор за предупредување од можен судир при мала брзина, детекција на пешаци напред, сензор за поспаност на возачот)… Навистина богата опрема за ваша сигурност и безбедно возење.

Димензии, мотористика, возни карактеристики

Димензиите во однос на претходната генерација се зголемени: новата Corsa во споредба со претходниот модел e подолга за 39 mm или 4.060 mm, потесна за еден милиметар или 1.745 mm и пониска за 48 mm (1.433 mm), додека меѓуоскиното растојание е зголемено за 28 mm – 2.538 mm, така што просторот во кабината е многу поголем.

Можеби е тешко е да се поверува, но новиот модел е олеснет за дури 108 kg. Основната верзија без возач сега има декларирана тежина од само 980 кг. Благодарение на паметната конструкција каросеријата е полесна за околу 40 kg, 3-цилиндерските мотори за околу 15 kg, алуминиумска хауба 2,4 kg, седиштата 10 kg… Сето ова е профит за моторите, како и динамиката на возилото, така што во новата Corsa 1 КС вреди многу повеќе отколку во претходните генерации.

Новата генерација на Corsa е опремена со особено економични бензински и дизел мотори. Кога станува збор за бензинците во понуда се 1.2-литарски агрегат со три цилиндри и 75 КС и 1.2 турбо со100 и 130 КС. Дизелската верзија е со моќност од 102 КС кои ги испорачува 4-цилиндерски 1.5 мотор опремен со турбополнач. Моторите се карактеризираат со најмала потрошувачка и најмала вредност на СО2 во сегментот. Комбинираната потрошувачка на бензинските мотори се движи од 4,1 l/100 km (75 КС) до 4,5 l/100 km (130 КС), додека комбинираната потрошувачка кај дизел моторот е 3,2 l/100 km.

Уникатен за овој сегмент е опционалниот 8-степен автоматски менувач, кој е достапен за бензински мотори од 100 и 130 КС и нуди 3 режими на возење (Eco, Normal, Sport).

Во нашиот случај, возилото кое го имавме на располагање е почетната варијанта, односно атмосферска изведба која испорачува 75 КС и 118 Nm вртежен момент, спарена со мануелен менувач со 5 степени на пренос. Фабрички декларираното забрзување до „стотка“ е 13,2 секунди, а максималната брзина е 174 km/h. Намалената тежина комбинирана со најдобрата аеродинамика во класата (коефициент 0,29) и нови ефикасни мотори резултира со голема заштеда на гориво. На пример, најмоќниот бензински модел на Corsa, кој троши најмногу, сепак е поекономичен од најекономичниот бензинец од претходната генерација. Фабрички декларираната вредност од 4,8 l/100 km ние не ја постигнавме, но и оние 6 литри во нашиот случај се доказ за претходно кажаното.

Управувањето со новата Corsa е подинамично, подиректно, но и позабавно. Искуството зад лесно прилагодливиот волан (седењето е за 28 mm пониско) не е нималку споредливо со претходната генерација. Новата Corsa одлично лежи и во свиоци и на рамно, со сите брзини, воопшто одлично се справува со сите сообраќајни предизвици, бидејќи е исклучително добро избалансирана. Тромоста присутна кај претходните генерации е заменета со острина, така што со McPherson предната суспензија напред и торзионата оска позади, возењето со Corsa не е ниту тврдо ниту нестабилно. Едноставно новата Corsa е полна со адути потребни за борба во овој сегмент на пазарот.

Моделот кој ни беше на располагање со дополнителен Паркинг пакет (Ултра сонични паркинг сензори назад, Панорамска rearview камера 180о, црна металик боја…) чини 13.700 евра, а за повеќе информации и цени на останатите верзии обратете се во салонот на Аутомакедонија (02 3103 130).

Технички карактеристики

Opel CORSA ELEGANCE 1.2i 75ks Start/Stop MT5

мотор: Euro 6d-TEMP, бензин, трицилиндричен, сместен напред надолжно
работна зафатнина: 1.199 cm3
пречник и од: 75.0 x 90.5 mm
степен на компресија: 11,0:1
напојување: две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилна фаза на работа, директно вбризгување на гориво
максимална моќ: 75 KС при 5.750 min-1
макс. вртежен момент: 118 Nm при 2.750 min-1
трансмисија: 5-степен мануелен менувач со пренос на предните тркала
потпирање: напред: McPherson систем, независни попречни рамења, стабилизатор назад: торзиона оска, спирални пружини,телескопски амортизери
сопирачки: напред: вентилирачки дискови / назад: дискови, ABS
пневматици: 195/55 R15
каросерија: хечбек со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина: 4.060 x 1.765 x 1.435 mm
меѓуоскино растојание: 2.538 mm
траги (напред/назад): 1.501/1.500 mm
тежина: 980 kg / максимална тежина: 1.550 kg
багажник: 309 литри
резервоар: 40 литри
максимална брзина: 174 km/h / забрзување 0-100 km/h: 13,2 секунди
потрошувачка (отворенО/град/просек): 3.7/4.8/4.1 l/100 km
емисија на CO2: 93-94 g/km

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”1Q2J_KQYxmFSkAstTLpmPUdPW1o4unhqe” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]