„Дива мачка“ подготвена за скок во секое време

Кога Ford Европа во април 2019 година ги покажа првите фотографии од новиот компактен кросовер наречен Puma, беше јасно дека нешто, во најмала рака, се подготвува на европскиот пазар на автомобили. Веќе тогаш беше јасно дека Puma ќе влезе меѓу веќе жестоката конкуренција на кросовери од В-сегментот, но ако се земе во предвид дека кросовер / SUV сегментот, без оглед на димензиите, од година во година во Европа има стабилен раст, тогаш Ford со Puma, веќе на стартот имаше добитна комбинација.

Малиот „Американец“ првенствено наменет за европската клиентела, ги има сите шанси да се допадне на поширока клиентела, како поради сегментот во кој се наоѓа, така и благодарение на допадливиот дизајн. Во Ford го нарекуваат B-SUV, што веднаш дава до знаење дека Puma е поставена на платформата на претставникот на Ford во В-сегментот, односно Fiesta. Секако, автомобилот морало малку да се „набилда“ за да се потенцира кросовер формата, но и да се зголемат надворешните димензии, односно во должина до скоро 4,2 метри, заедно со поголемо меѓуоскино растојание и поширока трага за 5,8 сантиметри.

А за да се дистанцира од конкуренцијата (Peugeot 2008, Citroen C3 Aircross, Renault Captur, DS3 Crossback, Mazda CX-3, Kia Stonic, VW T-Roc, Seat Arona, Nissan Juke, Hyundai Kona, Honda HR-V), Puma добила само за неа својствени форми и облини, би рекле многу пофлуидно, но и со доза на агресивност. Во предниот дел доминира широко отворената предна решетка, додека елипсовидната форма на светлосните групи флертува со купе Puma-та од 90-тите години.

Сè на сè, дизајнерите во Ford завршиле одлична работа, без ниту една лоша „нота“ кога зборуваме за дизајнот. „Обичната“ Puma изгледа привлечно спортски дури и без одредени спортски атрибути кои ги поседува нивото на опрема ST-Line.

„Заспа како спортско купе, се разбуди како кул градски кросовер

Веќе на прв поглед, Ford Puma е импресивен мал кросовер со SUV линии, кој со својот изглед на предницата дава впечаток дека станува збор за мала-голема дива мачка подготвена на скок во секој момент. За овој впечаток дополнително придонесуваат големите, високо истакнати стандардни целосно LED фарови, како и големата горна трапезоидна решетка на ладилникот на Ford односно долната решетка во профилираниот долен спортски спојлер окружена со страничните светла за магла, интегрирани во предните отвори за влез на воздух кои го насочуваат протокот низ предните тркала за да се намали турбеленцијата за подобра аеродинамика на возилото. За спортскиот карактер придонесуваат и ниската, закосена линија на покривот но и изразените лакови на тркалата. Уникатниот „лебдечки“ дизајн на А-столбот создава непрекинат спој на средишната линија со капакот на моторот,  визуелно поместувајќи ја кабината наназад, овозможувајќи силна и елегантна силуета.

И задниот дел е импресивно решен, со големи задни светла што се протегаат длабоко во страните на автомобилот, што ја прави Puma повидлива ноќе од профил.

Ова решение за дизајн и конструкција на Puma овозможува значителна практичност, иако станува збор за субкомпактен кросовер сегмент. Ford навистина го извлекол максимумот од релативно малиот обем на автомобили со ваква големина. Решението за багажниот простор, на пример, веднаш ќе ве расположи. Големиот простор за багаж на Puma, најдобар во неговиот сегмент со 456 литри корисен простор, а со преклопени потпирачи за грб на задните седишта, расте до 1.216 литри волумен. Да, можеби големиот багажник не е ниту секси ниту забавна тема за коментар, но е исклучително важен кога треба да носите вреќи, тротинети, топки… Но тоа не е се затоа што големиот трик на Ford се нарекува MegaBox: тоа е отвор под подот во багажникот за кутија со волумен од 80 литри, обложена со гума и отвор на дното за дренажа односно испуштање на течност. Таму можете да го пренесете кучето со неговите валкани шепи, калливи обувки, цвеќе во саксија исправено во природна положба…, и на крајот се лесно да исчистите со вода.

Функционален и практичен салон

Почнувајќи од Fiesta преку Focus и новата Kuga, наидуваме на повеќе или помалку идентичен стил и во внатрешноста на Puma. Да речеме веднаш, за разлика од надворешноста, нема ништо особено оригинално или „возбудливо“, но за возврат, ентериерот е навистина функционален. Сè е на свое место, вклучително и 8-инчниот екран, прикачен на горниот дел од централната конзола, а преку кој по пат на допир и гласовни команди се управува главно со мултимедијалниот систем Sync3, додека контролите за климатизација се засебно подоле. Од избор на музика и адреса за сателитска навигација, сè до контрола на климатизацијата (под услов да е автоматска)… како и поврзување со паметни уреди преку Android Auto и Apple CarPlay.

Puma нуди коректна пространост, која ќе ја прифатат и млади поактивни семејства, но спортскиот облик на каросеријата покажува дека целосна семејна пространост на ниво од најголемите во класата не била приоритет. Со просторот за нозе напред и назад, држи чекор со повеќето конкуренти, но во однос на ширината и висината, некому можеби и ќе му фали некој сантиметар. Четворица патници ќе уживаат во комоција, која со пет или тројца на задната клупа не ја снемува, но е доста намалена.

Нивото Titanium во пракса помалку или повеќе нуди се што е потребно за, па би рекле дури и за оние „поразмазените“, возачи, од мануелен или автоматски клима уред, до повеќети битни електронски системи за безбедност. Кога сме кај опремата во тестниот примерок, а тоа значи и Titanium ниво на опременост, да го споменеме кожниот волан и рачка од рачната сопирачка, целосно LED Projector предни и LED задни светла, задната клупа делива во сооднос 60/40, лумбална поддршка за возачкото седиште, темпомат со ограничувач на брзината, систем за предупредување и спречување од фронтален судир, систем за предупредување и спречување од несакано напуштање на коловозната лента, систем за препознавање сообраќајни знаци, Stop / Go, MyKey, алуминиумски тркала со гуми 215/55 R17, автоматски долги светла, 4.2-инчен дисплеј во боја на аналогната инструмент таблата, централен наслон за лактот на возачот, избор на режими на возење, заден сензор за паркирање…

Како потсетување, Puma доби максимални 5 sвезди за безбедност од независниот Euro NCAP, со максимални оценки за страничен удар, а со пофалба за технологиите кои вклучуваат систем за помош при судир со активно сопирање, интелигентниот систем за ограничување на брзината и системот за одржување во лента.

Возни својства

Кога станува збор за моторната гама, понудата за Puma стартува со добро познатиот 1.0-литарски 3-цилиндерски EcoBoost турбо бензински агрегат со 125 КС кој одговара на строгите барања на стандардот за емисија Euro 6d. А тоа е агрегатот кој и ние го имавме во тестниот примерок.

Веќе по само неколку извозени киломотри, Ford Puma јасно ни стави до знаење дека е желен за игра, а во текот на следните 200 километри возење, дел и по планински патишта, покажа дека може да се справи и со позахтевните планински патеки со свиоци како да е вистински спортски автомобил, а не мал кросовер. Заслугата за таквиот карактер е првенствено поради одличната суспензија, уште подобро усогласените управувач и автоматска трансмисија со седум степени на пренос, кои во комбинација со агилниот и мал, но многу моќен бензинец овозможуваат на Puma брилијантно да ги „држи“ и следи патеките во и надвор од градот и во сите услови. Бензинскиот агрегатот работи мирно, без вибрации, а одзивот на педалот за забрзување е моментален.

Ова е токму она што недостасува во целиот сегмент на мали кросовери – забава на квадрат и чувство дека не сакате да престанете да возите со желба секое патување да трае уште подолго.

Кога станува збор за потрошувачката, во просек, може да се смета со плус-минус од околу 7,5 – 8,5 литри (фабрички декларираното тешко се постигнува, но тоа и не е нешто што изненадува). Со префрлување во спортски режим на работа, оваа вредност оди малку нагоре, но и реакцијата на моторот и чувството на воланот добиваат на острина, но и поголем одзив и динамика.

Заклучок

Сè на сè, „мачката“ се разбуди. Има ново крзно, изгледа кул и ексклузивно, задоволство е да се вози. Тест верзијата, некој ќе рече дека можеби чини многу, но, како и за многу други работи, за се има купец.

21.600 евра е минималната сума која ви е потребна за да станете сопственик на градскиот кросовер на Ford, наречен Puma! Многу или не, тоа го оставаме на ваша проценка, а се однесува на основниот 1.0 EcoBoost со 125 КС, Titanium ниво на опрема и за разлика од тестниот примерок, со мануелен менувач со 6-степени на пренос. Тестниот модел чини неколку „илјадарки“ повеќе односно 24.900 евра.

Технички спецификации за Ford Puma Titanium 1.0 Ecoboost 125 КС

  • мотор: Euro 6d TEMP, бензински, четиритактен, тририцилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно

  • работна зафатнина: 999 см3

  • пречник и од: 71,2 x 82,0 mm

  • степен на компресија: 10,0:1

  • напојување: две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер

  • максимална моќ: 125 KС (92 kW) при 6.000 min/-1

  • макс. вртежен момент: 170-200 Nm при 1.400-4.500 min-1

  • трансмисија: на предните тркала преку 7-степен автоматски менувач

  • потпирање: напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери

  • сопирачки: напред самовентилирачки дискови, назад барабани, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ

  • пневматици: 215/55 R17

  • каросерија: кросовер со пет врати, пет седишта

  • должина х ширина х висина: 4.186 x 1.805 x 1.537 mm

  • меѓуоскино растојание: 2.588 мм

  • траги (напред/назад): 1.567/1.562 mm

  • тежина: 1.326 kg

  • максимална тежина: 1.815 kg

  • багажник: 456 l

  • резервоар: 42 l

  • максимална брзина: 187 km/h

  • забрзување 0-100 km/h: 10,0 секунди

  • потрошувачка (отворен пат/град/просек): 4,4/6,0/5,0 l

  • емисија на CO2: 113 g/km

Повеќе информации во Мида Гранд Моторс на тел. (02) 3073 103 или на www.ford.mk.