Ford Ecosport на европскиот пазар е веќе неколку години, а со последната рестилизација стана и вистински европски модел, бидејќи сега доаѓа од фабриката на Ford во Крајова, Романија.

Повисоки стандарди

Иако не ги крие стилските карактеристики на неговиот претходник, промените се доволни за да се почувствува вистинско освежување. А тоа значи дека во релативно кратката каросерија, донесува многу простор како на предните така и на задните седишта, како и генерално подобра уреденост на салонскиот дел, би рекле, во согласност со очекувањата на возачите.

Наместо безброј копчиња и мал екран, на располагање на средишната конзола имаме голем и прегледен екран на допир (до максимум 8 инчи) од мултимедијалниот систем SYNC 3, кој ги поврзува Apple CarPlay и Android Auto, а со AppLink, може да пристапите до некои од најомилените апликации за паметни телефони. Увидот во борд компјутерот е преку другиот помал екран од 4,2 инчи во составот на инструмент таблата, кој е исто толку прегледен и модерен. 

Кога сме кај подобрувањата, очигледна е извесната количина на мека пластика на конзолата, во комбинација со црн лак, како и генерално видливата подобра завршна работа. 

Моделот кој го имавме на располагање поседуваше систем за стартување на моторот без клуч, систем за асистенција при возење по нагорнина, систем за автоматско сопорање во итни случаи, предни и задни паркинг сензори, сензори за дожд, автоматска клима, предни светла за магла активни во свиоци, дневни LED светла, Home safe предни светла, темпомат… Некој веројатно ќе рече дека сето ова го имаат и конкурентите, а ги има доста, или дека Ecosport е само до доведен нивно ниво. Седењето во редизајнираните седишта е прилично удобно, како за возачот, така и за совозачот, а возачкото седиште како и управувачот се прилагодуваат во сите насоки. Во секој случај, значително е поудобно на патниците напред отколку на оние на задните седишта. Имено, и покрај поголемите надворешни димензии и фабрички предвиден за превоз на пет лица, салонот е доволен само за вкупно четири не премногу корпулентни лица. 

Концептот на петтата врата носи некои предности, но и и мани. Петтата врата сè уште не се отвора нагоре, како кај повеќето автомобили, туку на страна, што бара премногу простор. Ако сте паркирани во близина на ѕид или друго возило, ете проблем. Сепак, со елиминирање на надворешното резервно тркало, EcoSport е пократок за 27 см, што го прави многу полесен за маневрирање и паркирање на мал простор. Должината на третата генерација на Ford EcoSport е 4,1 метри, што е за 8 см повеќе од неговиот претходник, пред се поради помасивните браници. Од друга страна, решението со надворешно резервно можеби му даваше „поавантуристички“ изглед, заедно со клиренсот од дури 20 см. Но џабе авантуристички изглед без погон на четири тркала, ќе рече некој. И токму тука доаѓа забелешката дека сега EcoSport може да се добие со погон на сите тркала, како моделот кој го имавме на располагање, што е реткост во сегментот. Како и да е, волуменот на багажниот простор од 356 литри е сосема коректен. Ако ви треба повеќе, со соборување на задните седишта се добива корисен волимен од 1.238 литри.

Современ агрегат

Четири-цилиндерскиот 1.5 TDCi со 125 КС кој се наоѓа пода капакот на моторот е создаден со темелна модификација на поранешниот 1.6 HDi / TDCi, во чиј развој некогаш беа заедно PSA и Ford и преку шест-степената мануелна трансмисија одлично се разбира со возилото. Секој што не очекува EcoSport да „скока“ на секој допир на педалот за гас, ќе биде среќен со потрошувачката (нашиот просек беше 6,3) пред се поради новиот ефикасен систем Stop & Start и неговата тивка работа.

 Можеби дизел моторите не се најпопуларниот избор кај помалите автомобили во моментот, но во Ecosport таквиот погон е сигурно нешто што треба да се земе во обзир при купувањето.

Ford Ecosport е прилично одалечен од тлото, кое се чувствува и при возење по асфалтирани патишта, кога возилото има тенденција да биде прилично навалено, на што мора да се навикне возачот. Но, откако ќе се навикнете, исто така ќе откриете дека возните карактеристики се доста конзистентни со концептите на кои сме навикнале од Ford, а тоа е динамично возење, потпомогнато од способниот погон на четири тркала. EcoSport има навистина совршено добар однос на удобност и стабилност.

Како и да е, висината на каросеријата и значителното растојание од тлото, во комбинација со погонот на четири тркала, носат предности особено надвор од градот и на патишта кои не се одржуваат редовно, а тука мислиме и на неасфалтирани површини. Иако погонот на четири тркала работи комплетно автоматски (според потребата, праќа поголема сила во предните или задните тркала) и возачот не може да влијае на неговата работа, сепак се покажа како способен да го донесе возилото и на места за кои можеби, на прв поглед ќе речете, ма нема шанси. 

Ford Ecosport со погон на четири тркала, како моделот кој го тестиравме, е природно на врвот на понудата, така што неговата цена, со сите додатоци, оди „далеку над 20.000 евра“… Да, ќе речете малку „солено“, но комбинацијата која ја нуди би рекле се исплати. Робусен, удобен и добро опремен, може да биде интересна алтернатива.

Спецификации

Мотор и пренос:
1.5 TDCI 4-цилиндри
зафатнина 1.499 см3
максимална моќност 92 kW (125 КС) на 3.600 вртежи во минута
максимален вртежен момент 300 Nm на 1.750-2,000 / мин
погон на сите тркала (AWD)
6-степен мануелен менувач
Перформанси:
максимална брзина 181 km/h
забрзување 0-100 km/h за 11,0 s
комбинирана просечна потрошувачка на гориво 4,5 л / 100 км
емисии на СО2 119 г / км
Маса:
тежина на празно возило 1,418 кг
максимална тежина 1.900 кг
Димензии:
должина 4.096 mm / ширина 1.765 mm / висина 1.635 mm
меѓуоскино растојание 2.519 mm
резервоар за гориво 52 l
багажен простор 338-1,238 l
гуми 205/60 R 16

Инфо

За повеќе информации за моделот кој го управувавме и за останатата понуда за моделот може да се обратите кај застапникот за возилата на Ford, Мида Гранд Моторс на телефон 02-3073-103, директно во новиот салон на булевар Босна и Херцеговина број 1 или на веб страната на Ford Македонија.