Renault Megane го повтори успехот на својот претходник и постигна рекордно време во Нирбургринг

Така, новиот Megane R.S TROPHY-R стана не само најбрзиот сериски автомобил со погон на предни тркала на познатата патека во Германија, туку и најбрзиот во историјата на Renault. Иако се придвижува со истиот моќен мотор со 300 КС како и „обичниот“ R.S. Trophy модел, ова издание со додаток R во името (минус 130 кг) има подобрена аеродинамика и ревидирана шасија. Некои од надворешните помагачи се Akrapovic (издувниот систем), Brembo (сопирачките), Bridgestone (гумите), Öhlins (амортизерите) и Sabelt (седиштата).

Премиерата на моделот е закажана за 24 мај во Монако, во рамките на Formula 1 трката за ГН на Монако, а зад управувачот ќе бидат возачите на Renault F1 тимот, Даниел Рикардо и Нико Хулкенберг. Моделот во продажба влегува пред крајот на оваа година, како ексклузивна серија која ќе се произведе во неколку стотини примероци.

Инаку рекордното време на Нордшлафе од Megane R.S. TROPHY-R е поставено на 5 април оваа година и изнесува 07: 40.100, односно 07: 45,389 за официјалната должина на целата делница од 20.832 километри.

Приказната за Meganeu R.S. и Нирбургринг трае повеќе од една деценија. Првиот рекорд во категоријата автомобили со погон на предни тркала датира од 2008 година кога Megane R.S. R26.R кругот го има извозено за 8 минути и 17 секунди. Овој рекорд е поправен во 2011 година од втората генерација на Megane R.S. Trophy со Лорен Хурмон зад воланот (8:07.97). Три години подоцна Megane III R.S. Trophy-R патеката ја минува за време под 8 минути, односно 7:54.36.