Софтверската единица на Volkswagen, Cariad, објави дека соработува со швајцарската STMicroelectronics (STM) за развој на микрочипови за вмрежување во нејзините нови модели

Од Cariad велат дека целта е да се произведат процесори и системи кои овозможуваат тесно поврзување на контролните единици и сложени контролни функции. Volkswagen најави дека ќе продолжи со сопствен дизајн на чипови, но првично има намера да развива хардвер во соработка со други фирми. Веќе има склучено партнерски договори со Bosch во Германија и Qualcomm во САД.

Соработката со STM ќе значи поместување од досегашната практика во набавката на чипови – Volkswagen има за цел да набавува важни компоненти од добавувачите на електронска опрема, а не само од своите традиционални добавувачи од автомобилскиот сектор. Мурат Аксел, член на одборот на Volkswagen одговорен за набавки, вели дека тоа ќе осигура изработка на потребните чипови за нивните автомобили.

Проблемите во синџирите на снабдување, кои особено влијаат на чиповите, предизвикаа сериозни проблеми за компанијата во текот на изминатата година, што резултираше со затворање на производствените капацитети на подолги периоди. Возилата со дополнителна опрема моментално побаруваат до 100 индивидуални контролни единици. Целта на Volkswagen е стандардизација, поставување технички стандарди и намалување на трошоците за производство. Проблемите со координацијата меѓу брендовите на групата доведоа до застој во Cariad. Работите во Volkswagen, како и Audi и Porsche, моментално се одвиваат паралелно пред комплетирањето на унифицираната платформа, пренесува SEEbiz.

Извршниот директор на Cariad, Дирк Хилгенберг, смета дека заедничкиот проект со STM е важен во овој поглед.

„Користењето унифицирана, идеално усогласена архитектура во сите управувачки уреди ни дава огромен поттик за ефикасно развивање на нашата софтверска платформа“, вели тој.