Првиот човек на Volkswagen, Ралф Брандштетер, потврди дека брендот ќе пласира два електрични модели кои ќе бидат позиционирани под ID.3 во портфолиото на брендот

Дуото ќе биде ID.1 и ID.2 и ќе ги претставува воведните автомобили во семејството на возила со батерии од германската марка. Според новите информации објавени од Брандштетер, ID.1 ќе биде хечбек, додека ID.2 ќе биде кросовер, а овие модели се дизајнирани како електрични пандани за Polo и T-Cross.

Volkswagen веќе работи на создавање на нова, скратена верзија на MEB платформата. Оваа нова архитектура ќе се вика MEB Lite, а покрај помалите димензии, ќе биде и поевтина, што во моментов е многу важно за германскиот производител. Брандштетер објави дека електричното дуо треба да пристигне на пазарот најрано во 2023 година.

Овие модели ќе дојдат како замена, односно наследници на електричното издание на Up!, кое во моментов е воведен автомобил во сферата на батериските автомобили на Volkswagen. ID.1 и ID.2 се очекува да имаат помали батерии од нивните „постари браќа и сестри“ со максимален капацитет до 45 kWh, бидејќи идејата на VW е овие возила да се користат претежно во урбани услови.

По премиерата на германските автомобили, ќе има варијанти подготвени од Škoda и Seat, кои секако ќе ја користат истата платформа како ID.1 и ID.2. Посебно е интересна цената за овие модели на Volkswagen. Германската компанија сака почетната цена да биде пониска од 20.000 евра (без државни субвенции), што сигурно ќе заинтересира многу повеќе потенцијални купувачи отколку прескапите модели од повисоките сегменти.

Покрај тоа, Ралф Брандштетер потврдува дека Volkswagen веќе работи со своите кинески партнери (BAIC, SAIC, JAC) за создавање на многу достапен електричен автомобил, иако не е јасно дали овој модел би бил насочен само на кинескиот пазар.