Се уште не е познато дали Volkswagen Beetle ќе добие наследник, но некои информации сугерираат дека сегашната генерација на овој модел може да прејде во нова категорија на возила

Според информациите кои потекнуваат од италијанскиот производител на авто делови и компоненти Magneti Marelli, „Буба“ се чини дека се подготвува да стане електричен автомобил, технички сличен на моделот e-Golf.

Сепак, изданието Green Car Reports, кое всушност дошло до информацијата, вели дека е поверојатно легендарната „Буба“да стане хибриден автомобил.

Постои можност дека во прашање е концептен модел или идеја за која италијанската компанија сака само да го преиспита јавното мнение, бидејќи звучи малку чудно Volkswagen да исфрла таков модел, седум години по лансирањето на актуелниот Beetle.

Magneti Marelli патентот за овој модел го предала на 14 јуни, но деталите ќе останат тајна до 14-ти декември, кога би можело да се знае за што всушност се работи.

Volkswagen, патем, електричен концепт од „бубата“ престави уште во 2012 година, кога во Детроит го претстави авангардниот E-Bugster Speedster. Покажаниот двосед кој тогаш беше прикажан имаше електричен мотор од 85 киловати или 116 коњски сили, напојуван со литиум-јонски батерии, што на автомобилот му овозможува 180 км автономија.

Сепак, концептот E-Bugster Speedster остана само она што го сугерира името – концепт, бидејќи никогаш не влезе во сериско производство.