Vоlkswagen ќе ja води Европската батериска унија
Оваа година за сите поголеми автомобилски компании значи и почеток на офанзивата на пазарот на електрични автомобили
Групацијата Volkswagen е конгломерат кој стои зад најамбициозниот план во автомобилската индустрија, кој подразбира приказната за електрични возила да стане успешна. Сепак, дали планот целосно ќе се реализира или можеби ќе пропадне, зависи од способноста на групата да ја развие пратечката индустрија.
Покрај платформите за електрични модели, производството на батерии е она што во моментов е примарен фокус во Volkswagen. Минатата недела, Германците најавија формирање на Европската батериска унија, конзорциум на компании чија цел е да „акумулираат многу поширока експертиза во областа на производство на батериски ќелии“.
Volkswagen е тој што ќе го води конзорциумот, кој се состои од партнери од седум членки на Европската унија и шведскиот производител на литиум-јонски батерии, Northvolt.
„Партнери во областа на истражување и индустријата од седум земји-членки на ЕУ ги здружуваат силите во Европска батериска унија“, соопшти Volkswagen. „Сеопфатната соработка во истражувачкиот сектор ќе се движи од производството на суровини, преку технологијата и процесите на производство на ќелии, до рециклирање. Активностите од областа на истражувањето исто така ќе се фокусираат на развој и создавање на фабрички технологии кои ќе обезбедат одржливо, еколошки и конкурентно производство на батерии во Европската унија“.
Што се однесува до Northvolt, станува збор за истата компанија која минатата година најави партнерство со BMW и Белгиската група која се занимава со рециклирање, Unicore, со цел „целосен и одржлив синџир на вредности на ланецот на батериски ќелии” во Европа. Northvolt моментално ја гради најголемата европска фабрика за производство на батерии во Шведска.
Сè уште не е јасна поврзаноста врската помеѓу Европската батериска унија (EBU) и Европската батериска алијанса (EBA), лансирана во 2017 година од страна на Европската комисија. EBA, исто така, го вклучува Northvolt, покрај EIT InnoEnergy, Европската инвестициска банка и Saft.