
Volkswagen ID R Pikes Peak Racer во недела премиерно во Франција
Групацијата Volkswagen и бројните автомобилски брендови како дел од неа можеби се повлекуваат од тркачките шампионати ширум светот, но тоа не значи дека германскиот гигант се повлекува целосно од мотоспортот. Тоа ќе го прави на поинаков начин
Имено, официјалната премиера на новиот модел на Volkswagen, наречен ID R Pikes Peak Racer, е закажана за престојнит викенд, во Франција.
Новиот суперспортски концепт има целосно електричен погон, а неговата главна мисија е да ја покори познатата нагорнина Pikes Peak во Колорадо, САД, во месец јуни. Автомобилот е дизајниран во Ле Ман стил или суперавтомобили кои учествуваат во трки на издржливост. Она што можеби е поважно, е тоа што на него не се однесуваат строгите прописи што ги бара FIA, па дизајнерите и инженерите имале многу поголема слобода при дизајнирањето.
Овој проект ги поврзува моделите од најавената I.D. линија на електрични возила на Volkswagen и неговиот перформантен оддел R GmbH. Овој модел ќе се обиде да го собори рекордот на горенаведената патека и на некој начин ќе се обиде да го постигне она што VW не можел да го направи пред 30 години, кога на истата трка учествувал со Golf со два мотора.
За остварување на целта на оваа трка, од компанијата го ангажирале возачот Ромен Дима. Овој Французин е победник на трката 24 часа Ле Ман во возило на Porsche пред две години, а токму во неговиот роден град Але, Франција, на 22-ри април ќе биде официјалната премиера на овој модел.