Volkswagen потврди дека сериската верзија на хеџбекот I.D. ќе биде речиси иста како и концептот кој беше претставен во 2016 година

Имено, во едно интервју, главниот дизајнер на Volkswagen, Клаус Бишоп, вели дека серискиот модел е изменет во минимална мера, односно ќе биде скоро идентичен.

„Димензиите, дизајнерските линии и големината на тркалата ќе бидат исти како на концептниот модел. Нашиот нов електричен автомобил целосно ќе личи на стандарден модел во салон. Не можевме да ги оставиме ретровизорите со систем камери поради законот, како и електричните рачки на вратите поради трошоците за производство. Останатото е исто“, вели Бишоп.

Германската марка започна со производство на прототип модел во април, а неодамна лансираше шеснаесет месечна програма за развој и тестирање. Ако сè оди добро, Volkswagen планира да започне со производство на овој модел од ноември 2019 година.

Volkswagen претходно одлучи моделите од I.D. автомобилската линија да делат сличен дизајн, кој е различен од дизајнерската насока што се користи во дизајнот на автомобилите со SUS мотор. Заеднички ќе им бидат светлосните единици со LED технологија и ознака VW.

Кога ќе се појави на пазарот, VW I.D. хечбек ќе има електричен мотор кој развива 168 коњски сили и батерија која ќе му овозможи со едно полнење да помине до 600 километри.