Project Trinity ќе биде поставен на целосно нова платформа и со многу напредни технологии

Кон крајот на минатата година се појавија гласини дека Volkswagen e со намера да произведе врвен супер седан на електричен погон за да се спротивстави на Tesla Model S и други модели од тој сегмент. Сега, германската компанија официјално ги потврди своите планови, по интервјуто со шефот на Германците, Ралф Брандстетер, за германските медиуми.

Новиот врвен модел е заведен под код Project Trinity, и ќе биде радикален, со потполно нова архитектура и куп високи технологии, вклучително и такви за автономно возење. VW покажа и тизер фотографија, што наведува на мислење дека дизајнот на возилото ќе биде радикално различен од оној што досега го покажал брендот.

Според формите што можат да се видат под покривката, станува збор за „растегнат“ автомобил, кој згора на сè ќе биде и многу широк. За неговата архитектура, Брандстетер наведува дека ќе се заснова на целосно рамни панели. Со Project Trinity, ќе бидат поставени нови стандарди во однос на километражата, брзината на полнење и дигитализацијата.

Volkswagen ќе следи нова филозофија за својот нов модел, слична на онаа на со проектот Artemis на Audi за моделот предводник на премиум брендовите на групата. Значи, за Trinity не треба да очекуваме еволуција на платформата МЕВ или технологии што се користат во Porsche Taycan и Audi e-tron GT, напротив, нешто радикално поразлично.

Идниот модел се очекува да има автономија со едно полнење од над 600 километри и да се потпира на технологиите за автономно возење од Ниво 2, а системите ќе бидат прилагодени и за воведување на Ниво 4 кога ситуацијата и регулативите тоа ќе го дозволат. Тогаш, автомобилот ќе може да врти, забрзува и застанува без никаква интервенција на возачот.

Сè уште не е познато кога Project Trinity ќе ја доживее својата премиера, а потоа и сериско производство. Многу е веројатно дека ова нема да се случи пред 2026 година, а првите концепти на оваа тема можеби ќе ги видиме во 2022 година.