Volkswagen бара отштета од милијарда евра од поранешниот извршен директор
Германскиот производител на автомобили Volkswagen бара отштета од една милијарда евра од поранешниот генерален директор Мартин Винтеркорн, за време на чиј мандат се случи „измамата на векот“ со фалсификување на нивото на издувните гасови од дизел моторите
Ова е најголемата сума досега побарана од еден шеф на управен одбор во Германија. Како што дознаваат истражувачките новинари на Зидојче цајтунг и јавните сервиси NDR и WDR, концернот од Волфсбург барањето го темели на фактот дека тие милијарда евра можеле да бидат заштедени доколку Мартин Винтеркорн постапил веднаш штом дознал за манипулациите, пренесува Дојче Веле.
Според Volkswagen, Винтеркорн (73) требало да постапи на 27 јули 2015 година, кога на состанок ги дознал деталите за криминалниот софтвер инсталиран во возилата со дизел мотор.
Тој софтвер препознавал кога автомобилот се тестира, кога е на технички преглед или кога класично се употребува. Чистењето на издувните гасови работело само во „лабораториски услови“, додека на улица, автомобилите емитувале штетни гасови повеќе пати над дозволените вредности.
Во Volkswagen веруваат дека Винтеркорн пропуштил да „веднаш вистинито и целосно“ одговори на прашањата на американските контролни инстанци, што подоцна значело поголеми казни за VW во САД. Локалните контролори го објавија скандалот на 18.09.2015 година.
Славниот менаџер, иако ужива огромно богатство, не секако не е милијардер и тешко дека би можел да плати толкава отштета од сопствениот џеб, наведува Дојче Веле. Но, луѓето од негов ранг, чијашто секоја одлука вреди милиони или милијарди, имаат специјални осигурувања во случај на такви судски процеси.
Како што дознава Зидојче цајтунг, Винтеркорн имал такво осигурување во Цирих, но опфаќа максимум петстотини милиони евра. Предвидено е за случај на „небрежно кршење на обврските“ што VW го припишува на поранешниот шеф.
Штосот е во тоа дека осигурувањето не покрива ништо ако, наместо небрежност се докаже намерна измама. Во средината на септември, судењето против Винтеркорн започнува пред Државниот суд во Брауншвајг токму поради измама.
Надзорниот одбор на VW бара пари од уште четворица менаџери кои управуваа со Audi и Porsche, брендови кои припаѓаат на концернот од Волфсбург. Нивните адвокати сега молчат, но досега сите тие негираа вмешаност во скандалот.
Дури и ако Volkswagen го добие спорот, а менаџерите треба да плаќаат од приватен имот, не треба да се плашат дека ќе останат со минимум во џеб. Ова го покажуваат претходните случаи со управителите на Siemens, Deutche Bank и други концерни кои задржувале голем дел од имотот.
На пример, кога Ролф Бројер, поранешниот шеф на Deutche Bank, во едно интервју го оцрнил клиентот и магнатот за медиуми Лео Кирш, банката морала да плати скоро милијарда евра компензација. Бројер допринел со само 3,2 милиони евра, што е едвај третина од неговиот имот.
Поранешниот шеф на VW, Винтеркорн исто така не замина без ништо во пензија. Додека работеше, тој заработуваше 17 милиони евра годишно, што беше рекорд меѓу германските менаџери. Пензијата која му ја исплатува компанијата е 3.100 евра – на ден.
Винтеркорн со години повторуваше дека немал идеја што се случува во компанијата, односно дека дизелите испуштаат 35 пати повеќе азотни оксиди од дозволеното. Пред анкетниот комитет на германскиот парламент тој изјави дека не знае зошто неговите не го известиле за тоа. Повеќе поранешни колеги поинаку се сеќаваат на настаните – на обвинителството во Брауншвајг му беше кажано дека Винтеркорн знаел сè во јули 2015 година.
Колку што е познато до денес, концернот манипулираше со вредностите на издувните гасови кај околу единаесет милиони дизел возила помеѓу 2008 и 2015 година. До денес, VW има платено 32 милијарди евра казни и отштета во тоа име.