Емисиите на штетни материи се намалени и во Volkswagen веруваат дека нивниот нов мотор е веќе подготвен за построгиот стандард Еуро 7

Уште од скандалот наречен Дизелгејт, Volkswagen сите свои напори ги насочи кон развој на нови електрични возила. Многу помалку се инвестира во развојот на модели со конвенционални мотори, но VW очигледно се уште не се откажал од класичните бензински мотори, па така пред нас е новиот 1.5 TSI мотор.

Како што и кажува неговото име, 1.5 TSI evo2 е еволуција на добро познатиот 1.5-литарски бензински мотор кој се користи во бројни модели на VW, Audi, Škoda… Сега, турбо моторот со четири цилиндри е уште поефикасен и почист.

Во новата генерација на овој мотор, Volkswagen катализаторот и филтерот за честички ги сместил во еден заеднички модул, кој се наоѓа поблиску до моторот. Со тоа се добива двојна корист. Од една страна, за производството на таква единица за прочистување на гасовите бара помалку ретки метали кои вообичаено се користат во катализаторите и филтрите за честички. Од друга страна, емисиите на штетни материи се намалени и VW верува дека нивниот нов мотор е веќе подготвен за построгиот стандард Euro 7, кој треба да стапи на сила по 2025 година.

Во новиот мотор, технологијата за деактивирање на цилиндрите еволуирала во системот ACTplus, кој сега нуди подобрена транзиција од работа со четири цилиндри во работа со два цилиндри. Исто така, моторот може почесто да ја користи опцијата за работа само со два цилиндри, што дополнително заштедува гориво и ја намалува емисијата на штетни гасови.

Новиот 1.5 TSI evo2 првично ќе се нуди само во комбинација со моделите T-Roc и T-Roc Cabrio со 150 КС. Во блиска иднина ќе се вградува и во други модели на VW Group, а ќе се користи и во plug-in хибридни погонски единици со 272 КС. Досега, Volkswagen во plug-in хибридни погони го користеше исклучиво постариот 1,4-литарски мотор.

Во Volkswagen се одлучиле за развој нов мотор бидејќи сè уште веруваат дека бензинските мотори ќе останат присутни во годините што доаѓаат. Според тоа, VW верува дека до 2030 година, околу 30 отсто од новите автомобили продадени во Европа сепак ќе бидат со бензински и дизел мотори, а во некои европски земји овој процент треба да биде и уште поголем.