Во Лондон поставени „зелени“ клупи кои го апсорбираат смогот / ВИДЕО
Зелената клупа, воедно, прикажува податоци за квалитетот на воздухот, температурата, квалитетот на водата и влажноста на почвата
Загаденоста на големите европски градови ги загрижува сите, а глобалното затоплување и големиот број на возила се повеќе влијае на квалитетот на животот, поради што во Лондон се поставени „зелени“ клупи, кои служат и како филтри, бидејќи го апсорбираат загадувањето во воздухот, пишуваат британските медиуми.
Квалитетот на воздухот во главниот град на Велика Британија е исклучително лош, а загадувањето неодамна ги надмина границите утврдени од страна на ЕУ.
Обидувајќи се успешно да го реши проблемот, градската власт во Лондон одлучила да постави клупи, таканаречени CityTree, пред продавниците со органска храна и популарните кафулиња на познатата улица Glass house, која се наоѓа во близина на Piccadilly.
Се оглед на фактот дека е поврзана на интернет, „зелената“ клупа прикажува податоци за квалитетот на воздухот, температурата, квалитетот на водата и влажноста на почвата. Работи со помош на мов и други растенија кои ги отстрануваат јаглерод диоксидот, правта и гасовите од воздухот.
Клупите содржат соларни панели со кои се обезбедува енергија и се направени од цврсти материјали за да бидат отпорни на можни вандалски напади.
„Зелената“ клупа е производ на германската компанија Green City Solutions. Иако површински не е голема, според информациите од производителот клупата функционира како 275 вистински дрва и годишно може да филтрира до 265 тони на јаглерод диоксид и други честички.
Освен во Лондон, овие клупи претходно се поставени во Хонг Конг, Амстердам, Париз и Осло.
Производителот оваа технологија сака да ја воведе и во зградите за да во големите градови редовно се регулира квалитетот и температурата на воздухот. Градските татковци на големите градови се надеваат дека со помош на новата технологија ќе успеат да го намалат негативното влијание на загадувањето на воздухот врз здравјето на жителите.