Претходната година беше полна со предизвици за автомобилските брендови и за европскиот пазар

Ако се погледнат резултатите за цела 2020 година, пазарот на патнички автомобили во ЕУ забележал пад од 23,7% или вкупно 9,9 милиони единици (пад од 3 милиони единици во споредба со 2019 година) како директен резултат на пандемијата со COVID‐19. 

Сите 27 пазари на ЕУ забележале двоцифрен пад во текот на 2020 година. Меѓу најголемите пазари на автомобили, Шпанија има најголем пад (-32,3%), следена од Италија (-27,9%) и Франција (-25,5%). Споредено со Шпанија, падот на продажбата во Германија и скоро двојно помал, но сепак не е за занемарување (-19,1%).

И покрај падот на продажбата, и во 2020 година, Германија беше најголемиот пазар за нови автомобили во Европа. Во оваа земја се испорачани 2,91 милиони возила, а потоа следат Франција со 1,65 милиони, Италија со 1,38 милиони, Шпанија со 0,85 милиони…

Но, што е на спротивниот крај од листата кога станува збор за ЕУ? Кои земји-членки на Унијата имале најслаба продажба во 2020 година? Во текот на претходната година, во Кипар се регистрирани 10.061 регистрации (-17,7%), 13.864 автомобили (-25,8%) во Латвија, додека 18.750 клиенти купиле нов автомобил во Естонија (-29,5%).

Доколку би се сметале и земјите на ЕФТА, тогаш најлош резултат има Исланд, каде што беа продадени само 9.369 автомобили во 2020 година.

Какви се бројките во околните земји членки на ЕУ, поранешните југословенски републики и нормално Македонија?  

Во Хрватска се испорачани 36.005 примероци со драстичен пад на продажбата од 42,8%, Бугарите купиле 22.368 автомобили (-36,8%), додека жителите на Унгарија и Романија купиле најголем број возила. Во 2020 година, во Унгарија се регистрирани 128.021 нови возила (-18,9%), а 126.351 (-21.8%) во Романија.

Од поранешните југословенски републики во претходната година, најуспешна била Словенија, каде биле продадени 53.694 автомобили со пад на продажбата од 26,6% во споредба со оствареното во 2019 година.

Каде е тука Македонија? Во 2020 година според податоците на Царинската управа, вкупниот број на увезени автомобили во Македонија е 32.278, од што 5.172 се нови, а 23.880 половни автомобили. Ако не на дното, тогаш сигурно некаде при дното од Европскиот континент.

Повеќе статистика на следниот линк.