Дека американскиот General Motors знае да повлече радикални потези доволен доказ се познатите автомобилски брендови Saab, Oldsmobile, Pontiac и други познати имиња

На ред е уште едно големо име.

Американскиот гигант објави дека австралискиот Holden нема да ја дочека 2021 година. Откако производството на Holden во Австралија беше затворено во 2017 година, негативните деловни резултати продолжија и ја продолжија агонијата сè до оваа година кога, по нецели 100 години, ова славно автомобилско име ќе замине во историјата. Процесот на гаснење беше забрзан со продажбата на Opel, чии модели беа во основата на австралиската марка. Еден од најпознатите беше Commodore, на Стариот континент познат како Insignia.

Првиот самостоен модел на Holden датира од 1948 година, а до денес се продадени над осум милиони примероци. Меѓу нив, заедно со споменатиот модел посебно место имаат класиците како моделот Monaro. Минатата година, Holden не успеал да продаде ниту 50.000 примероци. Како споредба најпродаваната Toyota продала над 205.000 примероци.