На возачите им беа доделени половина од бодовите иако трка практично немаше

Трката за Белгиското ГП започна и заврши зад безбедносното возило, а возачите беа бодувани дури и ако официјално не комплетираа ниту еден круг во тркачки ритам. Неколку возачи ја критикуваа оваа одлука, меѓу кои беше и Фернандо Алонсо кој беше шокиран од оваа одлука додека за Себастијан Фетел оваа ситуација беше како шега.

Ситуацијата околу Серхио Перез предизвика дополнителна конфузија. Како потсетување, Мексиканецот излета во формациски круг, по што неговите механичари успеаја да го поправат болидот, па на барање на Red Bull, FIA му одобри да се врати на трката дури иако заостануваше еден круг кој во оваа прилика не му беше врачунат. Подоцна, по паузата, возачите направија уште три круга, сите зад безбедносното возило.

Прашан од новинарите на RaceFans кои се неговите планови за во иднина кога станува збор за промена на правилата, директорот на трката Мајкл Маси вели: 

„Мислам дека после овој викенд на следниот состанок што ќе го имаме, ќе разгледаме многу работи и ќе видиме што можеме да направиме. Ќе ги разгледаме сите барања на сите 10 тимови со цел да развиеме нови правила. Ќе пројдеме различни сценарија и ќе го слушнеме сечие мислење. Верувам дека ова е вистинскиот пристап, ќе разгледаме се и ќе одлучиме за се со намера да ја решиме оваа ситуација, но и истата да не се повтори“.