Во Европа само електрични автомобили од 2035 година?!
Според најавите на еврокомесарот за зелена политика Франс Тимерманс, Брисел ќе преземе радикални чекори за да обезбеди 100% намалување на емисиите на СО2 до 2035 година, што практично би значело прекин на производството на возила со внатрешно согорување, a тоа значи и дизел и бензински мотори за само 14 години
Промените ќе одат многу брзо. До 2030 година, ЕУ планира да ги намали просечните емисии на јаглерод за 60 проценти во споредба со 1990-тите. Идејата на Комисијата е да обезбеди доминација на електричните возила преку комбинација на стимулации и построги правила. Особено е важно да се обезбеди ценовна пристапност на електричните возила за сите Европејци. Притоа, на производителите на возила ќе им се наметнуваат дополнителни такси за загадување на животната средина.
„Ние треба да го поттикнеме воведување на електрични возила. Не е доволно да се објави датумот на укинување, туку мора да и кажеме на индустријата, што постојано го правиме, дека доаѓаат построги стандарди за емисија, што потоа ќе ги поттикне во таа насока“, вели Тимерманс.
Германскиот Volkswagen минатата недела објави дека има за цел навистина да го запре производството на автомобили со внатрешно согорување до 2035 година. Досега, стандардите за емисија на СО2 предизвикаа жестоко противење од автомобилската индустрија, но претставниците на ЕУ зазедоа цврст став дека до 2050 година, Европа мора да стане првиот дел од светот со нула јаглерод. Затоа Брисел подготви пакет од 13 законодавни мерки и презеде мерки за обезбедување поддршка од мнозинството во парламентот на ЕУ. Според Тимерманс, зелениот оптимизам на ЕК се заснова на фактот дека тие гледаат силен пресврт во пристапот на автомобилската индустрија.
Електричните возила во моментов сочинуваат околу 11 проценти од новите регистрации во ЕУ, што е три пати повеќе отколку во 2019 година. Со други зборови, самата автомобилска индустрија ја прифати идејата за декарбонизација како своја цел. Точно, сè уште има дискусија за брзината на прилагодување, но Тимерманс верува дека е постигнат договор и во тој дел.
Тука е и проблемот со посиромашните земји во ЕУ, на кои ќе им биде потешко да се прилагодат на транзицијата кон електрични возила и други алтернативни форми на зелен транспорт. Брисел предлага нов социјален фонд за климатско дејствување за да им помогне на домаќинствата во процесот на зелена трансформација. Меѓутоа, посиромашните источноевропски земји предупредуваат дека нивните економии зависни од фосилни горива тешко можат да го издржат темпото на забрзана декарбонизација.
Тимерманс вели дека ЕУ исто така мора заеднички да го реши прашањето за инфраструктурата за полнење на е-возила. Во моментов, само три земји – Франција, Холандија и Германија – поседуваат 70 проценти од станиците за полнење на е-возила.
„Треба да осигураме дека сите Европејци можат да патуваат со електрични возила и да ги полнат на разумно растојание од местото каде што сакаат да патуваат или од местото каде што живеат“, вели Тимерманс.