Програмата анализира фотографии направени со камера прикачена на возило и oзначува дупки, пукнатини и други неправилности на патот

Летниот период е време кога се изведуваат големи градежни работи на патиштата и патната инфраструктура. Од мали поправки на оштетени патишта па се до целосна реконструкција во некој реон. Сепак, често се случува надлежните „да промашат“ некои дупки и штети кои подоцна можат да се претворат во поголем проблем, особено по јака зима кога асфалтот дополнително пука.

Со цел да им се помогне на надлежните институции или компании полесно да ги пронаоѓаат проблематичните точки, истражувачите од Универзитетот во Ватерло развиле вештачка интелигенција која едноставно и, уште поважно, поевтино ги детектира проблемите на патиштата, мостовите и зградите.

Програмата која ја развиле анализара фотографии направени со камери прикачени на возилата и означува дупки, пукнатини и други неправилности на патот.

Овие информации на надлежните треба да им овозможат подобро планирање на поправките на одреден пат, воедно и поевтино, вели професорот Џон Зелек. На крајот тоа може да значи и пониски даноци за жителите.

Имено, во моментов за патиштата се грижат локалните заедници и компании со постојано поминување на истите при што работници вршат увид и евидентираат евентуално критични точки или со употреба на возила опремени со скапи камери кои ги снимаат патиштата, а сликите подоцна се разгледуваат една по една (колку ова се спроведува кај нас е големо прашање).

Автоматскиот систем кој користи вештачка интелигенција би ја забрзал анализата на сликите, би ги намалил трошоците за обработка и анализа, и секако, на време би предупредил на потенцијални проблеми, што на крајот ќе доведе до подобри патишта и помали трошоци за одржување.

Интересно е што на почетокот на проектот за тестирање на системот научниците ги користеле бесплатните фотографии од Google Street View. Сега толку го развиле системто што вештачката интелигенција може да анализира слики и од мобилни телефони прикачени на автомобилот. Ова во основа значи дека сите жители би биле во можност да испраќаат слики од своите вообичаени правци, а системот би ги анализирал и предупредувал на области каде што се потребни поправки. Сето тоа без потребното излегување на службите на лице место.

Освен за патиштата, научниците овој систем сакаат да го применат и за детектирање на потенцијални проблеми на мостовите, зградите и другите инфраструктурни објекти.

Резултатите од истражувањето и системот ќе бидат презентирани на конференција во Рим кон крајот на септември.