Верувале или не, ова е камион! / ФОТО+ВИДЕО
Ако во камионот нема возач, тогаш и нема потреба од возачка кабина, сметаат во Volvo
Ако иднината на превозот припаѓа на автономните возила, односно на компјутери кои целосно ќе управуваат со автомобилите и камионите, тогаш при дизајнирање на возило од иднината и нема потреба да се размислува за возачко седиште. Додека во дизајнот на автомобилите и нема да има премногу промени, освен што наместо возачот на предното седиште ќе седат патници, целосната автономија радикално може да го промени дизајнот на камионите.
Токму тоа неделава го покажа Volvo – како би можеле да изгледаат камионите на иднината управувани од компјутери. Со Volvo Vera, компанијата претставува дизајн на електричен камион без кабина, односно само делот со моторот, батеријата и тркалата на кој ќе може да се поврзе приколката со товарот. Volvo Vera би требало да повлече до 32 тони товар.
Се разбира ова е концепт и не е познато дали Volvo ќе се одлучи за негова комерцијализација, но и да се случи тоа, Volvo Vera на почетокот нема да излегува на отворен пат, туку ќе се користи само во одредени ситуации. На пр. во пристаништа, логистички центри и слично, каде што е неопходно да се префрлат големи количини на товар на мали растојанија. Наместо со класичните камиони со возачи, тоа воопшто не би било проблем за автономен камион како овој на Volvo.
Од безбедносни причини, Volvo Vera се движи со помали брзини од конвенционалните автомобили.
Развојот на автономни камиони е чувствителна тема, особено во САД, бидејќи експертите сметаат дека поради компјутерите кои ќе управуваат со камионите, без работа можат да останат стотици илјади возачи, а во иднина може да дојде дури и до големи протести и немири во САД и други држави.