По освојувањето на пол-позицијата во квалификациите, Макс Верстапен извози мирно и за победа на Големата награда на Мексико! Двократниот светски шампион ја мина целта 14 секунди пред Луис Хамилтон

Со победата во Мексико, 20-та трка од овогодинешниот шампионат во Formula 1, Верстапен стигна до својот 14-ти триумф сезонава, со којa сега e на првото место на вечната листа по број на победи во една сезона. Возачот на Red Bull има одлична можност и да го подобри тој рекорд, со оглед на тоа што до крајот на сезоната остануваат уште две трки.

Како и во Остин, САД, Верстапен славеше пред Луис Хамилтон во Mercedes, додека на третото скалило од подиумот се искачи миленикот на локалната публика Серхио Перез во болидот на Red Bull. Холанѓанецот ја мина целта 14 секунди пред седумкратниот светски шампион, кој пак беше три секунди пред Перес.

Големата награда на Мексико не донесе многу возбудувања, бидејќи Верстапен беше практично недопирлив во текот на целата трка. Хамилтон го следеше шампионот само до одењето во бокс, кога разликата беше околу две секунди. По одработувањето на боксот и промената на гумите таа разлика само се зголемуваше. Перес на самиот старт успеа да се пробие пред Џорџ Расел во Mercedes, во еден момент беше многу блиску до Хамилтон, но немаше вистинска можност за напад.

Токму Расел беше најдобар меѓу останатите, пред дуото на Ferrari, Карлос Саинц Јуниор и Шарл Леклер, додека седми беше Даниел Рикиардо во McLaren. Австралиецот беше виновникот за инцидентот кој заедно со доминацијата на Верстапен ја одбележа трката во Мексико Сити, бидејќи беше премногу агресивен во дуелот со возачот на Alpha Tauri, Јуки Цунода во 51-от круг, кој после тоа мораше да се повлече. Рикиардо поради ова беше казнет со 10 секунди, но до крајот на трката успеа да направи доволно разлика во однос на Естебан Окон во болидот на Alpine што успеа да си ја задржи освоената позиција. Листата на освојувачи на поени ја комплетираа вториот возач на McLaren Ландо Норис и Валери Ботас во Alfa Romeo.

Иако трката во Мексико во најголем дел беше приспивна песна, малку возбуда покрај возењето на Рикиардо донесе и повлекувањето на Фернандо Алонсо. Двократниот светски шампион се паркираше покрај патеката поради дефект, што предизвика период на виртуелно безбедносно возило, но тоа не доведе до никакви промени.

По новиот триумф, во генералниот пласман води Верстапен со 416 бодови, што е исто така рекорд, а го следат Перес со 280 и Леклер со 275.

До крајот на сезоната остануваат уште две трки, од кои првата е Големата награда на Бразил на 13 ноември.

2022 Mexico City Grand Prix / РЕЗУЛТАТИ

2022 Mexico City Grand Prix / HIGHLIGHTS

2022 Mexico City Grand Prix / ИЗЈАВИ ПО ТРКАТА