Верстапен го провози Red Bull F1 болидот на мраз / ФОТО+ВИДЕО
Formula 1 шампионот за 2021 година, Макс Ферстапен, имал интересна авантура зад воланот на својот болид, возејќи го на заледена патека во зимскиот центар Зел ам се во Австрија
На холандскиот возач во таа прилика му се придружил и поранешниот шампион во трки на мраз, Френки Корн, за двајцата да приредат незаборавен спектакл под Салцбуршките Алпи.
Ферстапен на лизгавата патека ги извози и првите кругови оваа година, и тоа во болидот со број еден, со кој Холанѓанецот ќе биде првиот шампион кој носи „единица“ по Себастијан Фетел во 2013 година, која беше прва година откако возачите добија можност да го изберат својот број.
За возачот на Red Bull ова беше и деби возење на мраз, но и покрај тоа дефинитивно, ќе се сложите откако ќе го погледнете видео материјалот, е одличен во тоа што го прави. Помошта за такво нешто дошла и од Pirelli кој подготвил специјални гуми со шилци за таа пригода.
„Ова е моето прво возење на мраз со F1 болид и навистина се радував на тоа. Беше многу интересно и прилично лизгаво, па морав да бидам многу внимателен. Се беше ледено, вклучително и сопирачките, а болидите од Formula 1 не се дизајнирани да возат на мраз, што отежнуваше се, но беше многу забавно“, вели Верстапен.
Новата сезона во Formula 1 започнува со Големата награда на Бахреин на 20 март. Верстапен и останатите возачи ги чекаат првите тестови од 23 до 25 февруари на патеката „Каталуња“ во Барселона.