Актуелниот Formula 1 шампион и возач на Red Bull Racing Макс Верстапен ја критикуваше брзината на Aston Martin Vantage кој се користи како возило за безбедност во F1 шампионатот.

Моделот Aston Martin Vantage како безбедносно возило во Formula 1 го вози поранешната DTM ѕвезда Бернд Мејландер, а два пати беше во „акција“ за време на овонеделната трка во Австралија на Алберт парк. Причината беше откажувањето по заглавувањето во песокот покрај патеката на возачот на Ferrari, Карлос Саинц Јуниор и несреќата што ја доживеа возачот на Aston Martin, Себастијан Фетел.

Бидејќи повеќето возачи беа на тврда компонента во моментот кога безбедносното возило излезе на патеката, возачите имаа големи проблеми да ги загреат или да ја одржат температурата на гумите возејќи зад Vantage кој е очигледно побавен од Mercedes-от со кој ги дели должностите во Formula 1.

Од минатата година Aston Martin и Mercedes обезбедуваат автомобили за улогата на безбедносно возило, а од страната на Aston Martin тоа е моделот Vantage со 4.0-литарски твин-турбо V8 мотор кој развива 528 КС. Од друга страна тука е Mercedes AMG GT Black Series, кој испорачува 730 КС и е многу поблиску до тркачки автомобил од Vantage. Безбедносното возило на Mercedes се користеше во Бахреин и Саудиска Арабија и се верува дека е околу пет секунди побрзо од моделот на Aston Martin.

Верстапен, кој двапати беше зад ривалот Шарл Леклер по влегувањето на безбедноснoто возило, вели дека Vantage е како „желка“ алудирајќи на фактот дека поради неговата недоволна брзина возачите неможат доволно да ги загреат гумите на Pirelli за да ја продолжат трката.

„Грипот е премал, а безбедносното возило вози пребавно, се движи како желка. Неверојатно. Возење со 140 km/h на правец кога нема оштетен автомобил е неразбирливо Зошто мораме да возиме толку бавно? Автомобилот на Mercedes е побрз поради дополнителната аеродинамика, а Aston Martin e многу бавен. Ни треба повеќе грип, гумите ни беа многу ладни. Страшно е да се вози зад безбедносното возило на Aston Martin“, вели Макс.

Возачот на Ferrari, Шарл Леклер се согласува со Верстапен, но додава дека не се пожалил преку радио бидејќи видел дека Мејландер вози најбрзо што може.

„Во болидот секогаш се чини дека безбедносното возило оди премногу бавно. Беше тешко, сите бевме на тврда компонента на гумите, така што не сакав да вршам дополнителен притисок. Сепак, јасно е дека за автомобилите е тешко да ја одржат температурата на гумите зад безбедносното возило“, вели Леклер.

Зборови на критика има и од возачот на Mercedes, Џорџ Расел.

„Немаме проблем кога безбедносното возило е Mercedes-AMG. Една сериозна забелешка, Mercedes-AMG е пет секунди побрз од Aston Martin, а тоа е многу значајно“, заклучува Расел.