Легендарниот тест-возач и супер SUV моделот во off road авантура

Валентино Балбони во Lamborghini работел 40 години, а добар дел од тоа време го поминал како главен тест-возач. За тоа време, тој буквално возел се што излегло од Санта Агата Болоњезе. Колку овој човек е важен за компанијата докажува и тоа што во Lamborghini решиле да му оддадат почит, специјалното издание на Gallardo LP 550-2 нарекувајќи го со неговото име. Автомобилот беше претставен во 2009 година, една година по неговото пензионирање.

Без оглед што е „пензиониран“, за шеесет и девет годишниот Италијанец Lamborghini е сеуште главна преокупација, а тој е, исто така, голем фан и на новиот Urus. Во тоа име, Балбони е поканет од страна на тимот од DailyDrivenExotics да се седне во седиштето на супер SUV моделот со 650 „коњи“ и да се впушти во off-road авантура.

Се разбира, од Urus не може да се очекуваат перформанси како од еден Mercedes G-класа или Land Rover Defender кога станува збор за off-road возење, но по калливи површини, овој Ламбо се справува одлично.

Треба да се има на ум дека брендот подготвува модел кој ќе биде поспособен за возење надвор од патот, чиј претходник е концептот ST-X. Оваа верзија ќе биде дури 25 проценти полесна од сериската, и ќе се натпреварува во шампионатот кој комбинира конвенционални и off-road патеки, а кој ќе се одржува во Европа и на Блискиот Исток.

Валентино Balboni не е единствениот кој го возел Urus надвор од асфалт. Ова го стори и познатиот новинар, Хери Меткалф.