Наместо класично такси возило, наскоро преку апликацијата на Uber би можело да се повикува и летечко такси

Денес, за да го избегнат големиот сообраќаен метеж, некои луѓе користат велосипеди или електрични тротинети, но во иднина би можеле да имаат многу побрзо решение – летечко такси. Некои компании веќе работат на овој тип на возила, а една од нив е Uber.

Нивната цел е до 2023 година да ја воведат услугата Uber Air или во превод летечко такси, а првиот чекор во таа насока веќе е направен. Компанијата деновиве потпишала догвор за соработка со корејскиот производител на автомобили Hyundai, а се однесува на развој на електрични летечки автомобили кои ќе имаат можност за вертикално полетување и слетување. Тоа значи дека нема да им треба посебна платформа за тоа дејствие, туку патниците ќе можат да ги соберат или остават на класични паркинзи.

И додека во Uber се големи оптимисти, во Hyundai се пореални и извршниот потпретседател Еисун Чунг очекува „комерцијализација на урбаните воздушни мобилни услуги до 2028 година“.

Uber за проектот „летечко такси“ досега има договорено партнерство со осум компании како на пример Aurora Flight Science, компанија ќерка на Boeing, a Hzundai е првиот производител на автомобили кој се придружува на овој голем и амбициозен проект. Кога станува збор за Hyundai и електрични автомобили, компанијата неодамна инвестираше милиони евра во Rimac Automobile, со кого соработуваат на развој на електричен суперавтомобил.

Концептното возило, односно леталото кое го развиваат со Uber, ќе биде направено за превоз на четири лица и пилот, со автономија од околу 100 километри со едно полнење за батеријата. Треба да лета на надморска височина помеѓу 300 и 600 метри, со најголема брзина од скоро 300 km/h. Минатата година, јужнокорејската компанија најави инвестиции од 1,5 милијарди американски долари во урбана воздушна мобилност до 2025 година, а возилото / леталото на кое работа со Uber е само еден чекор во таа насока.