Карлос Гон, претседател на Nissan Motor Co е уапсен во Токио под обвинение за кршење на јапонскиот закон за финансии и трговија

Гон е осомничен дека манипулирал со финансиските извештаи, а наводните повреди се поврзани со него врз основа на извештаи за неговата плата, пренесува јапонскиот Асахи, без наведување на изворот. Гон доброволно отишол во Токио со обвинителите, каде што е уапсен по сослушувањето.

Освен неверојатната вест за апсењето на Карлос Гон, има информации дека првиот човек на компанијата Nissan всушност со месеци е под внатрешна истрага поради сомневање дека финансиските извештаи содржат помали износи за плаќање на надоместоците исплатени за него, од вистинскиот надомест кој го добива.

Карлос Гон, најверојатно, ќе биде отстранет од позицијата претседател на компанијата Nissan, со моментално дејство. Покрај Карлос Гон, под истрага се нашол и друг менаџер на компаниската хиерархија, Грег Кели.

Nissan откри дека во текот на изминатите неколку години, раководното дуо (Гон и Кели), пријавувале пониски износи на лични примања, во споредба со вистинските, за да се скрие точниот износ на личниот доход на Карлос Гон.

Истрагата открила и бројни други значајни (не) дела извршени од Карлос Гон. Се наведува употреба на имот што го поседува компанијата за лична употреба. Длабоката вмешаност на Кели во сите овие акции, исто така, е потврдена.

Од Nissan велат дека сите собрани информации ги доставуваат во канцеларијата на надлежниот јавен обвинител во Јапонија. „Ние ќе продолжиме да дејствуваме во истиот дух”, се вели во соопштението на јапонскиот производител.

Врз основа на редоследот на изјавите на Nissan, констатирано е дека деновите на Карлос Гон како предводник на јапонскиот гигант се одбројани. Воедно Nissan испрати најдлабоко извинување до своите акционери:

„Ние ќе продолжиме со нашата работа да ги идентификуваме слабостите во управувањето во синџирот на раководење, и ќе преземаме соодветни мерки во согласност со нашите наоди“.