По малку лимузина, караван и SUV, новиот C5 X во продажба влегува ова лето со бензински и хибридни варијанти

Генерално, во сегментот модели со средна големина во Европа доминираат германски брендови, но Stellantis има намера сериозно да ги замеша картите. По лансирањето на Peugeot 508 и луксузниот DS9, сега е ред на Citroen да го извади своето оружје за „бој“ со Mercedes E-Class, BMW Series 5 и Audi A6.

Но, додека гореспоменатите автомобили се достапни во верзии седан и караван, францускиот претендент Citroen C5 X ќе се обиде да ги комбинира овие два типа каросерија, плус неколку SUV и кросовер компоненти додадени во умерени количини. Носејќи голем дел од убавиот дизајн на француската компанија, C5 X е прилично неконвенционален предводник, со прилично солидно присуство, многу посолидно отколку кај другите модели кои го носат логото на двојниот шеврон.

Ова, секако, се должи на неговата конфигурација „три во едно“, каде релативно правата линија на покривот зборува за лимузина, додека издолжениот заден дел личи на караван. Како десерт, додаден е зголемен клиренс како во кросоверот C5 Aircross и ете го резултатот – навистина интересен автомобил.

Со должина од 4.805 mm, меѓуоскино растојание од 2.785, ширина од 1.865 и висина од 1.485 mm, C5 X е помал од германската премиум конкуренција, а има слични димензии како Volkswagen Passat. Волуменот на багажникот е 545 литри, а кога ќе се отстранат седиштата може да достигне до 1.640, со апсолутно рамен под.

Надворешниот дизајн е продолжение на концептот Cxperience од 2016 година, додека ентериерот ги нуди сите технологии што моментално се достапни од брендот. Врв во салонот е мултимедијалниот систем со 12-инчен екран, како и head-up дисплејот кој нуди зголемена реалност. Таблата е целосно дигитална, но надвор од сите екрани има и физички копчиња достапни за некои од основните функции.

Новиот Citroen C5 X како погон ќе користи бензински и plug-in хибридни единици. Plug-in хибридот комбинира 1.6-литарски турбо-бензински мотор со електромотор, а вкупната моќност е 225 КС. Само на електрична енергија, километражата е над 50 километри, со максимална брзина до 135 km/h.

Сите верзии на новиот предводник ќе бидат достапни со системот за суспензија Advanced Comfort, а plug-in хибридбата верзија ќе биде стандардна со новата верзија Active, овозможувајќи три претходно дефинирани поставки за суспензија. 

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”1qfWqXImSmWLBu6Cbf8A-YjavDQVYERzg” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

Продажбата на C5 X започнува во втората половина на годината.